ЈКП „Комуналец“ – Прилеп ја исчисти локацијата кај поранешната Зоолошка градина по повеќе од една деценија

Екипите на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп спроведоа темелна акција за расчистување на просторот во населбата Вишне 2, на локацијата каде што некогаш се наоѓала Зоолошката градина.

Во рамки на акцијата беа отстранети големи количини несоодветно исфрлен отпад, а извршено е и чистење на шипови, трње, троскот и висока трева.

Од ЈКП „Комуналец“ информираат дека станува збор за површина која не била исчистена повеќе од десет години, поради што била ставена меѓу приоритетите за уредување. Локацијата се наоѓа во непосредна близина на едно од најубавите фудбалски игралишта во Прилеп, како и до станбените објекти познати како „зоолошки згради“.

 

Од претпријатието апелираат до граѓаните да придонесат за зачувување на чистотата на просторот и да не фрлаат отпад, додавајќи дека во иднина редовно ќе се грижат за неговото одржување.

Scroll to Top