Надвозник кај ОУ „Коле Канински“, водоснабдување и пречистителна станица за Нижеполе, спортски терени за студентите и дневен центар за деца со аутистичен спектар се дел од предлозите што битолчани ги изнесоа на првата сесија од Буџетскиот форум за подготовка на општинскиот буџет за 2027 година.
Општина Битола петта година по ред го организира форумот, преку кој граѓаните директно ги посочуваат потребите и учествуваат во утврдувањето на приоритетите за следната година. Предложените проекти опфатија повеќе области, меѓу кои инфраструктурата, образованието, спортот, културата и социјалната заштита.
Градоначалникот Тони Коњановски истакна дека буџетот не е само финансиски документ, туку треба да ги одразува потребите на граѓаните и визијата за развој на Битола.
„Форумот не е обична јавна расправа, туку место каде граѓаните активно учествуваат во предлагањето решенија и утврдувањето приоритети. Со ова ја потврдуваме нашата транспарентност и отчетност, преку отворена дебата за тоа како се планираат и трошат јавните средства“, рече Коњановски.
Во делот на инфраструктурата, покрај надвозникот кај ОУ „Коле Канински“, граѓаните предложија асфалтирање улици и уредување на просторот околу факултетите во поранешната касарна. Беше посочена и потребата од изградба на спортски терени за студентите, како и од водоснабдување и пречистителна станица за Нижеполе.
Спортската инфраструктура беше застапена и преку предлогот за реновирање на салата за гимнастички спортови. На сесијата се разговараше и за изградбата на спортската сала во Долно Оризари и за текот на работите на пливачкиот базен во ОУ „Даме Груев“.
Во областа на културата и образованието беа предложени Битолска градска куќа, обезбедување објект за државното музичко училиште, формирање средно уметничко училиште и професионален фолклорен ансамбл. Граѓаните ја нагласија и потребата од реновирање на училиштето во Буковски Ливади.
Меѓу барањата за подобрување на социјалните услуги беше и обезбедување простор за дневен центар за деца со аутистичен спектар.
Предлозите ги забележаа раководителите на надлежните општински сектори. На форумот присуствуваа и претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, како и советници.
Коњановски најави дека по завршувањето на административните фази, предлог-буџетот ќе биде разгледан на комисиска расправа, а потоа и на седница на Советот на Општина Битола. Кои од предложените проекти ќе добијат средства ќе биде познато со утврдувањето и усвојувањето на буџетот за 2027 година.






