Општина Прилеп со нови активности за подобрување на јавните зелени површини во градот

Денеска на улицата „Прилепски бранители“, на потегот од семафорите до кружниот тек кај Здравствен дом од двете страни на улицата , се реализираше акцијата за засадување на зимзелени, украсни и грмушкести растенија. Засадувањето го спроведе ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, во соработка со Локалната самоуправа и ПИ Витаминка, која годинава прославува 70 години од своето постоење.

Во рамките на оваа хортикултурна интервенција беа засадени златна и зелена туја, фотинија, тен-тен, јапонициус, украсна ружа, и др. видови украсни растенија, со што просторот доби подобар освежен, уреден и урбан изглед.

Со оглед на тоа што станува збор за локација која се наоѓа во близина на репрезентативната општинска зграда, банки и повеќе значајни институции, уредувањето на овој потег значително го подобри визуелниот амбиент и го збогати јавниот простор, правејќи го попривлечен и за граѓаните и за посетителите на градот.
Пролетната акција за зелен Прилеп ќе продолжи и наредниве денови со засадување на булеварските жардиниерии, комплетно уредување и озеленување на цветните улички и други зелени и парковски површини.

Благодарност до ПИ Витаминка за нивната несебична дарежливост кога е во прашање општина Прилеп и Зелената агенда, а со овој гест како општествено одговорна компанија, уште еднаш го потврди својот придонес за урбан Прилеп.

Scroll to Top