Проданоски: Салата „Македонија“ ќе добие нов живот – планирана реконструкција од 180 милиони денари

Целосна реконструкција на спортската сала „Македонија“ во Прилеп, со планирана инвестиција од 180 милиони денари со вклучен ДДВ, најави градоначалникот Дејан Проданоски. Општината ги завршила потребните административни процедури и подготвителни активности, со што, според него, се создадени предуслови за реализација на проектот.

Обновата е предвидена во Програмата за изградба, реконструкција и санација на спортски објекти за 2026 година. Реализацијата е планирана во три фази, во периодот од 2026 до 2028 година.

Проектот предвидува салата повторно да стане функционален спортски објект, со современи услови за тренинзи, натпревари и рекреација. По реконструкцијата, таа треба да располага со 1.959 седишта за публика, обновена инфраструктура и пристапи приспособени за сите корисници, вклучително и за лицата со попреченост.

Зафатот ќе опфати реконструкција на електричните инсталации, водоводната и канализациската мрежа, како и на термотехничките системи.

Проданоски истакна дека обновата на салата е долгоочекуван проект за прилепчани, со особено значење за младите и за локалните спортски клубови.

„Ова е инвестиција во нашите деца, во младите, во спортските клубови, во рекреацијата и во идните генерации спортисти кои заслужуваат современи услови за да ги развиваат своите таленти и да ги остваруваат своите соништа“, порача градоначалникот.

Тој им се заблагодари на Владата и на Министерството за спорт за поддршката во подготовката на проектот.

„Продолжуваме посветено да работиме за Прилеп да добие спортска сала каква што заслужува“, истакна Проданоски.

Во најавата не е наведен точен датум за почеток на градежните работи, ниту распределбата на средствата и активностите по фази.

Scroll to Top