Американската актерка Џин Себерг, една од најпрепознатливите лица на францускиот нов бран и холивудска ѕвезда, зад себе остави кариера исполнета со успех, но и живот обележан со болка, трагедии и контроверзии. Нејзината смрт во 1979 година и денес останува обвиткана со мистерија, а многумина случајот го споредуваат со оној на Мерилин Монро.
Веста за нејзината смрт беше објавена на 8 септември 1979 година, девет дена откако исчезнала од својот дом во Париз. Нејзиното тело било пронајдено во состојба на распаѓање, завиткано во ќебе на задното седиште од нејзиниот бел автомобил „Рено“. Актерката тогаш имала само 40 години.
Џин Себерг е родена на 13 ноември 1938 година во Маршалтаун, во американската сојузна држава Ајова. Нејзиниот пробив во филмската индустрија доаѓа кога, меѓу повеќе од 80.000 кандидатки, била избрана за улогата на Јованка Орлеанка во филмот „Света Јованка“ на режисерот Ото Премингер од 1957 година.
Но патот до славата не бил лесен. За време на снимањето претрпела сериозни изгореници во сцената на горење на клада, а критиките кон нејзината изведба дополнително ја ставиле под притисок.
На почетокот на 1960-тите Себерг стана светска сензација со улогата во легендарниот филм „До последен здив“ на Жан-Лик Годар, каде играше покрај Жан-Пол Белмондо. Со својот природен изглед и кратка руса коса таа стана симбол на францускиот нов бран и една од најголемите филмски икони на тоа време.
Во приватниот живот минувала низ големи турбуленции. По бракот со Франсоа Мореј, таа во 1962 година се омажила за познатиот писател Ромен Гари, со кого го добила синот Александар Диего. Иако бракот изгледал стабилен, двојката се разделила во 1968 година, а официјално се развеле две години подоцна.
Во истиот период, по враќањето во Холивуд и снимањето на филмовите „Обој го својот вагон“, „Аеродром“ и „Мачо Калахан“, Себерг станала предмет на интерес на ФБИ.
Причината биле нејзините донации и поддршката за Партијата на Црните Пантери, како и врската со афроамериканскиот активист Карлос Орнелас Навара. Подоцна се откри дека ФБИ со години водело кампања за нејзина дискредитација преку лажни информации и медиумски клевети.
За време на врската со Навара таа ја добила ќерката Нина Харт Гари, која се родила предвреме и починала само два дена подоцна. Смртта на бебето оставила длабоки психолошки последици врз актерката. Во еден од најболните моменти од нејзиниот живот, таа морала да дозволи ковчегот да биде отворен за јавноста за да се покаже дека детето е бело, поради шпекулациите кои се ширеле во медиумите.
По трагедијата Себерг се вратила во Франција и никогаш повеќе не се вратила во Холивуд. Подоцна влегла во нови врски и бракови, но нејзиниот живот продолжил да биде исполнет со нестабилност и лични кризи.
На 30 август 1979 година таа мистериозно исчезнала од својот дом во Париз. Девет дена подоцна била пронајдена мртва во својот автомобил. До телото биле пронајдени шише со барбитурати, празно шише вода и порака за нејзиниот син:
„Прости ми. Не можам повеќе да живеам со моите нерви.“
По нејзината смрт, ФБИ призна дека со години работело на нејзина дискредитација. Нејзиниот поранешен сопруг Ромен Гари тогаш јавно изјавил дека американските служби го уништиле животот на актерката.
Иако официјално смртта била прогласена за самоубиство, сомнежите никогаш не исчезнале. Блиските пријатели и соработници на Џин Себерг не верувале дека таа сама си го одзела животот.
Дури и четири децении подоцна, на нејзиниот гроб во Монпарнас бил поставен натпис: „Жан, твоите убијци сè уште се тука“, дополнително хранејќи ја мистеријата која и денес ја следи нејзината приказна.






