МНТ – 76 години испишува историја

На денешен ден пред точно 76 години отворен е Македонскиот народен театар во Скопје. На фан страната на МНТ со објава ја прославија годишнината од постоењето.

„Театарот е место каде што се случува нешто исклучително, тука се преплетуваат режисерските идеи со актерското срце, место каде што се создава магија, а публиката ја восприема со отворена душа.

Токму тоа се случи на 3 април 1945 година, се случи празник на македонскиот театар, завесата се крена, а во свечена тишина се изговори и првата реплика. Некогаш во Скопје, ѕидовите, тарабите и бандерите беа облепени со плакати на кои се објави радосната вест ’Денес се отвори Народниот театар”, напишаа од МНТ.

„Од тој април до денеска веќе 76 години Македонскиот народен театар неуморно патува низ времето, го чува и го негува театарскиот идентитет, израз, јазик и вредности. Веќе 76 години театар во кои на сцената „живеат” љубовта, среќата и болката, вистината и соништата, радоста и страста. Точно 76 години на креативност и творечка дејност низ кои на сцената почнувајќи од првата се поставени 405 претстави од 239 автори и драматурзи, а одиграни од 582 актери, поставени од 119 режисери и соработници, 115 сценографи, 75 костимографи, 31 кореограф, 102 композитори и избор на музика, огромен број луѓе позади сцената, дизајнери на плакати и програмки, одговорни за промоција, техничка служба, администрација и илјадници и илјадници вљубеници во театарот. Ова е не само фантастична бројка туку и доказ за посветеноста и страста кон театарот Сево ова е делот што го придвижува и го оживува МНТ“, стои во објавата на Македонскиот народен театар.

Scroll to Top