Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, се пријави за настап на Австралија опен, но не кажа дали е вакциниран против корона. Организаторите на грен-слем турнирот најавија дека ќе ги почитуваат правилата на властите кои донесоа одлука дека во Австралија можат да влезат само лица што се целосно имунизирани.
Откако синоќа беше објавен списокот со учесници на првиот грен-слем за 2022, а на него се најде името на Новак, во јавноста почна да се шпекулира дека тој примил вакцина. Но има и такви што велат дека тенисерот ќе се обиде да најде дупка во правилата, односно без вакцина да влезе во Австралија со помош на правото за медицински исклучок.
Се говореше дека австралиските тениски челници му помагаат на Новак Ѓоковиќ без вакцина да настапи во Мелбурн, но веднаш стигна демант и порака дека сите тенисери и нивниот персонал мораат да бидат вакцинирани.
„Сите сугестии дека бараме ‘дупки’ во правилата се невистинити. Секое барање за медицински исклучок го разгледуваат независни медицински експерти и тие решаваат. Ние не можеме, ниту пак сакаме да влијаеме на овој процес“, порачаа од организацијата.
Претходно, таткото на Новак, Срѓан, изјави дека неговиот син нема да игра на турнир со уцени, но ни тој не кажа дали тенисерот се вакцинирал или не.