Кога во големи клубови ти го спомнуваат името, тогаш нешто мора и да е вистина: Столе Димитриевски првпат проговори за можниот трансфер во Барселона

Голманот на македонската репрезентација, Столе Димитриевски и по четири сезони останува во Рајо Ваљекано. Иако шпанските медиуми неодамна пишуваа дека еден од најголемите европски клубови, Барселона, сака да го донесе во своите редови, трансферот не се случи. Столе никогаш не кажа јавно дали добил навистина понуда од каталонскиот клуб, но во разговорот за „Репортер“ открива: „Кога во такви големи клубови се зборува за тебе, нормално е да си среќен и задоволен. А кога веќе се зборуваше во јавноста, тогаш нешто мора и да е вистина. Но, тоа значи и дека сум направил нешто добро како голман“.

Столе пред еден месец  беше избран за најдобар во шпанската лига за првата половина од сезоната. Тој зад себе остави големи голмански имиња како Јан Облак, Диего Лопез, Тибо Куртоис. Според статистиката, Димитриевски имаше најмногу одбрани и најмалку примени голови во споредба со останатите.

„Ова е за мене големо достигнување, ама и уште поголем предизвик да се борам да бидам покрај топ-голманите во Европа и да ја претставам Македонија на највисоко ниво во Шпанија. Да оставиш такви голмани зад себе е огромно задоволство и предобро чувство“, ни кажа во разговорот Столе.

Вели дека е среќен што доби престижно признание во една од најсилните фудбалски лиги во Европа и е задоволен што по многу години напорна работа, конечно е на ниво кога може да постигнува врвни успеси.

„Јас прво почнав како фудбалер, ама на еден натпревар им требаше голман, па застанав да бранам. Ми се допадна и до ден денес останав голман. Буфон ми е идол од детството, еден од голманите што отсекогаш најмногу ми се допаѓале. Пред четири години играв со него во Торино, на натпреварот Македонија – Италија. На 20 години дебитирав во првата шпанска лига од Удинезе во Кадиз, а потоа отидов во Гимнастико, во втора лига и таму бранев две сезони. Оттаму дојдов во Рајо Виљакано и ова ми е четврта сезона со клубот“, раскажува тој.

А меѓу успесите по кои ќе го памти изминатиов период е и првиот настап на Македонија на Европското првенство.

„Минатата година ќе ја паметам по влезот на Рајо Ваљанано во Примера дивизион, по првото Европско првенство во историјата на Македонија и по квалификациите за Светското првенство. Тие три успеси за мене се најбитни во годината што помина, но и најважни до сега во мојата кариера“, раскажува за „Репортер“ првиот голман на Рајо.

Додава дека не може да ги заборави ни коментарите на фановите на Барса, кои бараа да му се направи биста пред Камп Ноу, откако му одбрани пенал на Мемфис Дипај.

„Тоа што го кажуваа навивачите откако Рајо ја победи Барселона за мене беше огромно задоволство. Не е мала работа да слушнеш од навивачите на еден таков клуб да те нарекуваат херој и да бараат да ти се крене споменик“, вели.

Во муабетот се наметна и прашањето за баражот за Светско во кој ќе играат против Италија. Столе вели дека тоа што Македонија не е фаворит го намалува притисокот врз фудбалерите во репрезентацијата, бидејќи нема што да загубат.

„Во овој момент Италија е фаворит и можеби тоа е многу подобро за нас, зашто притисокот е кај противникот. Имаме одличен тим. Само сакам да сме здрави и живи сите за да може да се спротивставиме на Италија, и ако сме сите добри, мислам дека очекувањата се големи. Сепак се игра само еден натпревар, а на еден натпревар може да се случат многу сценарија. Ако одиграме квалитетно ќе имаме голема шанса да одиме во финалето. А тогаш ќе се бориме да победиме, против Португалија или Турција, затоа што за мене финалињата не се играат, тие се победуваат“, рече голманот.

Андријана Јовановска

Scroll to Top