Меси донира три дреса во замена за 50.000 вакцини за фудбалерите во Јужна Америка

Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси донирал три свои потпишани дреса на кинеската фармацевтска компанија „Синовак“, која ќе даде 50.000 вакцини против Ковид-19, со кои ќе се се вакцинираат сите јужноамерикански фудбалери во пресрет на Копа Америка, што ќе се одржи ова лето. Посредник во договорот бил претседателот на Уругвај, Луис Ласале Поу.

„Директорите на ‘Синовак‘ се големи фанови на Меси, а тој со задоволство ни испрати три дреса за нив“, изјави претставникот на Јужноамериканската фудбалска конфедерација, Гонсало Белосо.

Дел од вакцините ќе ги добијат 26-те клуба од првата фудбалска лига на Аргентина.

„Целта е да ги имунизираме сите играчи од првата лига. Секој од нив би можел да игра на Копа Америка“, изјави Белосо.

Сепак, аргентинската влада првин ќе мора да ги одобри вакцините на „Синовак“ за да може да се користат.

Копа Америка ќе се одржи од 13 јуни до 10 јули во Аргентина и Колумбија.

Scroll to Top