Кошаркарскиот тим на Вардар од наредната сезона ќе се натпреварува во Втората лига, откако Арбитражната комисија при Кошаркарската Федерација на Македонија, ја одби нивната жалба, по повод доделувањето на службената победа на вториот тим на МЗТ Скопје, пишува „Спорт.мк“.
Вториот тим на МЗТ Скопје и официјално останаа во Првата кошаркарска лига, откако службено го добија вториот меч од плејаутот.
„Со ова е ставен крај на битката за останување во елитата и официјализиран триумфот на нашиот младински состав над Вардар со 2-0 и обезбедување трета сезона во друштво на најдобрите во македонската кошарка. Ова е огромен успех за нашиот втор тим, кој со тинејџери со просек од 18 години и со само еден странец, успеа да ја оствари целта против екипи со далеку поискусни играчи, кои не жалеа пари за ангажирање на дури пет интернационалци“, велат од МЗТ Скопје.