Славниот хрватски тренер Мирослав (Ќиро) Блажевиќ (86) уште еднаш ги насмеа медиумите во Хрватска и на Балканот кога даде интересно интервју во кое зборуваше за своето искуство со вакцината против коронавирусот.
Го прашаа тренерот на сите тренери дали навистина се вакцинирал преку ред, на што одговори дека бил боцнат во Србија со руската вакцина.
Секој разговор со Блажевиќ е оригинален. Исто било и кога новинарите на порталот „24 сата.хр“ му се јавиле за да откријат дали е вистина дека човекот што ги водеше Хрватите на третото место на СП во Франција во 1998 година ја примил вакцината преку ред во Загреб.
Следуваше крајно неочекуван одговор во стилот на Блажевиќ.
„Не! Јас не се вакцинирав преку ред, не сакам така. Ако го направев тоа, сега ќе ми ја ебеа мајката“, рекол Ќиро во свој стил додавајќи дека ја примил руската вакцина „спутник В“ во Србија. Тој раскажал за вакцината, по што следувале шеги.
„Отидов таму, ја примив и да ви кажам – секој ден кога ќе се погледнам во огледалото, сè повеќе личам на Путин. Таа прекрасна светла коса расте, навистина е убава, само треба да го вежбам неговиот изглед и тоа е тоа“, се пошегува Блажевиќ, кој, како што рече, ја примил вакцината „спутник В“ пред десетина дена.
Имајќи предвид дека го чека ревакцинација и дека ќе мора повторно да замине во Србија, Ќиро вели:
„Нема да одам уште еднаш да ја примам втората доза, доста ми е една доза. Ми извадија крв и таму за да видат како реагирав на вакцината, претпоставувам тест за антитела. Брадата ми расте како на Дража Михајловиќ“, објаснил Блажевиќ во својот препознатлив стил.