Уште пред 25 години Клеопатра ми ја предвиде болеста, открива Синиша Михајловиќ во својата автобиографија

Автобиографијата на Синиша Михајловиќ „Натпревар на животот“ стана една од најпродаваните во Италија, откако тренерот на Бољона откри дека му се вратила леукемијата со која се бореше пред две години. Во книгата легендарниот српски фудбалер открива работи од неговиот приватен живот што не се познати во јавноста, но и што му кажала српската пророчица Клеопатра во 1990те години.

Во еден дел од својата книга Михајловиќ раскажува за пророштвото од Клеопатра која му рекла дека ќе се разболи на подоцнежна возраст.

„На 50 години тешко ќе се разболиш. Но, ќе ја победиш болеста и тогаш ќе постигнеш голем успех“, му рекла Клеопатра пред 25 години. Михајловиќ сфатил дека и ова е вистина кога кон средината на 2019 година откри дека боледува од леукемија.

Приказната со Клеопатра и Михајловиќ почнала на денот кога Владан Лукиќ се појавил пред пророчицата со фотографија од тимот на „Црвена ѕвезда“. Таа средба, но и тоа што се случувало подоцна, Михајловиќ опишал во книгата.

„За една недела ќе доживее несреќа, по што ќе има сериозни проблеми дома“, наводно му рекла Клеопатра на Владан Лукиќ покажувајќи кон Михајловиќ.

Михајловиќ одбил да верува во зборовите на пророчицата кои му ги пренел Лукиќ, но четири дена подоцна имал сообраќајна несреќа додека се враќал од дискотека со другар. Во нив удрил автомобил откако возачот заспал додека возел. Иако не бил повреден, Михајловиќ пишува дека тогаш првпат се сетил на предвидувањето. Во меѓувреме му почнале и семејните проблеми. Тој не се чувствувал добро, а за време на викендите, кога неговите родители доаѓале во Белград, често се карал со нив. Тогаш неговиот татко се пожалил дека има проблеми со несоницата, па сето тоа заедно влијаело славниот фудбалер да го надмине скептицизмот и да ѝ побара помош на  Клеопатра.

„Жена ти фрлила магија“, му рекла Клеопатра на играчот на нивната прва сесија. Таа му советувала да го прегледа неговиот стан, па тој покрај едниот ѕид нашол крпа во која биле завиткани шајки и гранчиња околу кои имало влакна.

„Сето ова предизвикува кавга со семејството и пријателите. За неа тие се непријатели. Не ја пуштај во куќата и не прифаќај никакви подароци од неа“, бил советот што Михајловиќ го добил од Клеопатра.

Освен ова, Михајловиќ во автобиографијата пишува за уште неколку пророштва од Клеопатра:

„Твоите родители никогаш нема да се вратат во родниот град“ – За време на војната го напуштиле родното Борово.

„Некој од вашето семејство ќе носи униформа“ – Синиша има брат офицер.

„Ќе имаш многу деца, повеќе од четири, но едно од нив нема да живее со тебе“ – Најстариот син на Михајловиќ, Марко, живее со мајка му. Од бракот со втората жена Аријана, Синиша има пет деца.

„Ќе играш во Италија и ќе останеш таму уште долго. На 50 години тешко ќе се разболиш. Но ќе ја победиш болеста и тогаш ќе постигнеш голем успех“, му рекла Клеопатра на познатиот фудбалер.

Scroll to Top