Во сообраќајна несреќа во близина на село Ботун загина 17-годишниот ракометар Јован Николоски, член на младите категории на „Охрид“. Веста за неговата смрт ја соопштија од раководството на клубот.
„Со длабока тага и неверување ја добивме веста за смртта на нашиот Јован Николоски. Јован имаше само 17 години, настапуваше во младинските категории. Сочувство до семејството од играчите и управата на клубот, почивај во мир, ќе те паметиме засекогаш. ГРК Охрид“, напишаа од клубот.
Според извештајот на МВР, на 3.10.2021 во 3:00 часот кај село Ботун на магистралниот пат Охрид-Кичево автомобил „киа соренто” со охридски регистарски ознаки управувано од 17-годишен малолетник од село Лешани, излетало од патот. Возачот со тешки телесни повреди е пренесен во болница „Св.Еразмо” за да му се укаже лекарска помош, а неговиот 17-годишен сопатник од село Мешеишта, починал на самото место на несреќата.