Уште од почетокот на опсесијата со модните трендови од 1990-тите и 2000-тите, сатенските фустани се омилен избор за сите свечени пригоди.
Популарноста на овие едноставни и женствени фустани не опаѓа со години, а нивните кроеви и најпосакуваните бои се прилагодени на актуелните сезонски трендови.
Па така, наместо класичните „слип“ модели со тенки прерамки и прав, опуштен крој, оваа сезона гледаме разни верзии од овој стил погодни и за вечерни и за дневни пригоди.
„Кокетната“ естетика зема замав минатата сезона, а сатенските фустани совршено се вклопуваат во овој хипер-женствен изглед. Едноставните кроеви почнаа да се украсуваат со романтични детали, како што се чипкани шевови и апликации, најчесто машни и цвеќиња.
Од друга страна, со доаѓањето на потоплото време, фустаните со имагинативни шари стануваат сè позастапени – од тропски мотиви до животински принтови, кои често ги гледаме во малку полежерни комбинации.
Што се однесува до класичните минималистички кроеви, многу популарни се тесните „fitted“ верзии на „slip“ фустанот, како и моделите со малку подебели прерамки и ретро шарм.