Чоколадни бомбици со ореви

Состојки

Тесто: 125 гр путер или маргарин, 100 мл масло, 1 јајце, 1 чаша (200 мл) шеќер во прав, 2 лажици јогурт, 3 лажици какао, 1 пакетче ванилин шеќер, 1 пакетче прашак за пециво, 4 чаши брашно

Фил: 2 јаболка, 1 чаша шеќер во прав, 1 лажиче цимет, 100 гр сечкани ореви

Шербет: 1 и 1/2 чаша вода, 1 чаша шеќер.

Јаболката изрендајте ги, промешајте ги со шеќерот и ставете ги да се пржат се додека не го изгубат сокот. Додајте го циметот и оревите и оставете го да се олади. За шербетот, зовријте ја водата со шеќерот и оставете го да се излади.

Замесете ги сите состојки за тестото. Количината на брашно може да варира, не го ставајте одеднаш, тестото треба да е мазно, меко и убаво да се формира.

Во внатрешноста од цедалката за лимон ставете парче најлонска фолија. Земајте од тестото парчиња со големина на поголем орев, ставете го во длабнатината и со прст направете џеб.

Ставете по едно лажиче од филот и затворете го. Колачињата редете ги на плех со хартија и печете ги во загреана рерна на 180 степени, петнаесетина минути. Откако ќе ги извадите потопете ги во шербетот и тргајте ги на страна (не треба да киснат во него).

Scroll to Top