Откако „А1он“ ја објави сторијата за близнаците Тео и Тони, напуштени од родителите, Веле Зафировски, дедото што се грижи за нив, новата година ќе ја започне на ново работно место. Општина Аеродром и Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ успеаја да најдат начин да му помогнат на семејството Зафировски.
Веле веќе од почетокот на новата година ќе се грижи за зеленилото во населбата Долно Лисиче, каде што и живее. Веле понудата од Општина Аеродром ја прифати со отворено срце и е пресреќен поради новото работно место.
– Презадоволен сум, им благодарам на луѓето од Општина Аеродром, кои ми ја најдоа работата, а ви благодарам и на вас како медиум што ни помогнавте за нашата мака да дојде до граѓаните и да ни помогнат за колку-толку да имаме основни услови за живеење, вели Зафировски.