Јапонски милијардер организира приватна експедиција на Месечината со осум луѓе од целиот свет

Јусаку Маезава, онлајн-моден тајкун, во 2018 година стана првиот човек што си резервира место на вселенскиот брод што го развива „Спејс икс“ (SpaceX), објави „Гардијан“.

Маезава платил непозната сума за патувањето, што се очекува да почне најрано во 2023 година, првично рече дека планира да покани од шест до осум уметници да му се придружат на патувањето околу Месечината. Но, потоа објави видео во кое соопшти поширок процес за пријавување.

„Ве поканувам да ми се придружите во оваа мисија. Осуммина од целиот свет“, рече Јусаку.

„Ги купив сите места, така што ќе биде приватно возење“, додаде тој.

Четириесет и петгодишниот Маезава рече дека неговиот првичен план за поканување уметници еволуирал затоа што тој верува оти секоја личност што прави нешто креативно може да се нарече уметник.

Јапонскиот претприемач рече дека апликантите треба да исполнат само два критериума: да бидат отворени за креативно истражување и да бидат подготвени да им помогнат на другите членови на екипажот да го сторат тоа. Вкупно од 10 до 12 лица ќе бидат на бродот, кој се очекува да се сврти околу Месечината пред да се врати на Земјата.

Краен рок за пријавување е 14 март, а конечните интервјуа и медицински прегледи се закажани за крајот на мај 2021 година според веб-страницата на Маезава.

Тој и неговата група астронаути ќе станат први лунарни патници од последната мисија на „Аполо“ во САД во 1972 година – ако „Спејс икс“ (SpaceX) успее да го спроведе патувањето.

Минатиот месец прототип на „Старшип“ (Starship) се урна додека се обидуваше да слета по пробниот лет. Ова беше втора ваква несреќа откако последниот прототип доживеа слична судбина во декември.

Но, компанијата се надева дека ракетниот систем со повеќекратна употреба еден ден ќе носи екипаж и товар до Месечината, Марс и пошироко.

Маезава, познат по своите ексцентрични коментари и екстравагантен начин на живеење, вклучувајќи склоност кон скапа уметност, минатата година беше проценет на околу 1,9 милијарда долари, што го прави еден од најбогатите луѓе во Јапонија.

Маезава претходно се најде на насловните страници со онлајн-оглас за девојка, која ќе му се придружи на неговиот лет со „Спејс икс“ – за нагло да го откаже повикот и покрај тоа што привлече речиси 30.000 кандидатки.

Scroll to Top