Лаки, кучето што струмичкиот доктор го влечеше врзано за својот автомобил, е вдомено кај Тони Стојчевски, европски првак во дресирање кучиња кои им помагаат на лица со посебни потреби.
Кучето има околу 7 месеци и ќе биде негов домашен миленик, ќе се грижи за него, а Стојчевски не ја исклучува можноста кучето Лаки да биде обучено и за помош на лицата со посебни потреби.
„Го вдомив од хуман аспект оти бев потресен од самите фотографии и видеото. Ова куче има потреба од нега бидејќи е истрауматизирано. Во наредниот период ќе работам со него за да му ја вратам самодовербата во луѓето. Паралелно ќе се обидам да го обучам и дресирам за да биде дел од екипата кучиња кои им помагаат на децата со посебни потреби во нашето здружение. Верувам дека ова слатко кученце може да подари љубов на многу деца“, рекол Стојчевски за Канал ВИС.
На 26 ноември СВР Струмица поднесе кривична пријава против докторот за делото мачење животни. Кучето беше одземено од него и предадено на граѓански активисти за права на животните.