Патиките на Канје Вест од милион долари на онлајн-аукција

Првите патики на брендот „Јизи“ што Канје Вест ги носеше на јавно место, се продаваат за повеќе од милион долари.

Поточно, станува збор за моделот „Еир Јизи“ на „Најк“, кој американскиот рапер ги носеше на Греми наградите во 2008 година, и кој ќе биде меѓу најскапите патики што некогаш се појавиле на пазарот, соопшти аукциската куќа „Сотбис“, која ја организира продажбата.

Во сопштението за медиумите се опишани како „едни од најценетите и најбараните“ патики,а ќе бидат понудени преку приватна продажба откако прво ќе бидат претставени во Хонг Конг подоцна месецов. „Сотбис“ не ја прецизираше бараната цена, иако изјавија дека предметот го проценил на „повеќе од милион долари“.

Нема познат рекорд во продажба на приватни патики, а сепак цената од седум цифри би ја надминала бројката од 615.000 американски долари, колку што чинеа во „Christie’s“ во мај 2020 година патиките на „Најк“,„Еир Џордан 1“, носени од Мајкл Џордан во 1985 година пишува Си-Ен-Ен.

Според Брахм Вахтер, задолжен во „Сотбис“ за улична облека и модни колекционерски производи, проценката на вредноста на патиките произлегува од културното влијание на брендот.

„Овој пар патики е клучен за развојот на франшизата „Јизи“, која стана една од најважните марки за патики и начин на живот во историјата на светот на модата“, рече тој.

 

Scroll to Top