Почина Џек Сони, гитаристот на „Дајр стрејтс“

Поранешниот гитарист на „Дајр стрејтс“, Џек Сони, почина на 68-годишна возраст. Британскиот рок-бенд ја објави веста на X (поранешен „Твитер“) и, покрај фотографијата на музичарот напиша „Џек Сони, почивај во мир“.

Сони го нарекуваа „вториот гитарист во Dire Straits“, бендот што го основаа Марк и Дејвид Нофлер, Џон Илсли и Пик Витерс во 1977 година.

Сони ги запознал браќата Нофлер додека работел во музичка продавница на Менхетен, а подоцна отпатувал во Лондон за да го посети нивниот дом. Тој бил поканет да се приклучи на бендот во 1984 година и беше член кога албумот Brothers In Arms од 1985 година постигна светска слава.

Албумот помина 14 недели на првото место на топ-листата за албуми во Велика Британија и девет недели на американскиот Билборд 200, со некои од најпознатите хитови на бендот, вклучувајќи ги Walk Of Life, Money For Nothing и Brothers In Arms. Албумот подоцна се најде на врвот на топ листите во САД и Австралија, со повеќе од 30 милиони продадени копии ширум светот.

Веб-страницата на музичарот го опиша како „писател, музичар, номадски раскажувач, татко и дедо кој ја прими реалноста на тешко научената лекција дека животот е краток“.

„Тој ја прифати филозофијата да живее добро и да живее сега, во потрага по создавање незаборавни моменти со пријателите и семејството. Тој е од оние кои знаеа колку е важно да ги прегрнете додека можете…затоа што утре никогаш не се знае.“

Откако го напушти бендот, Сони продолжи да се занимава со музика, враќајќи се во бендот што го основаше во доцните 70-ти, The Leisure Class. Редовно се појавуваше со други поранешни членови на „Дајр стрејтс“ во проектот Dire Straits Legacy.

Scroll to Top