Разводот, разделбата и живеењето сам честопати можат да бидат причина за влошена здравствена состојба кај мажите, како и зголемена смртност, се вели во неодамнешниот труд од Данска, кој беше објавен во лондонскиот „Журнал за епидемиологија и јавно здравје” (Journal of Epidemiology & Community Health).
По неколкуте направени истражувања кои покажаа поврзаност меѓу социјалната изолација (осаменоста) и повисоките стапки на болести и открија дека западните општества имаат највисок раст на луѓе кои живеат сами, професорот Рике Лунд од Универзитетот Копенхаген во Данска и неговиот тим решија да побараат поврзаност меѓу осаменоста и заболувањата. Па така тие открија дека разделбата, разводот, смртта на сопружникот, а потоа и осаменоста доведуваат до здравствени проблеми.
Во истражувањето учествувале 4.835 луѓе на возраст од 48 – 62 години. Кај луѓето кои живеат сами повеќе од седум години, има зголемување на ризикот од болести за 12 отсто.
Иако кај мажите биле откриени здравствени проблеми по разводот, сепак не бил откриен таков ефект кај жените.