Ацо Пејовиќ: По мозочниот удар ѝ се избришаа три месеци од меморијата на жена ми, фала му Бога што ни ја врати

Српскиот пејач Ацо Пејовиќ последниве месеци го сврте вниманието на јавноста поради маестралните изведби во филмот „Тома“. Песната „Полноќ“ стана хит, а во студиото на „Репортер“ ја запеа „Проклета е оваа недела“, песната на која по првата проба, му рекле: „Тоа е тоа, еве кој ќе го пее Тома во филмот“. 

Пејовиќ деновиве беше во Скопје за да го најави концертот на 9 април. Кога е тука, вели дека ужива во добрата македонска храна и во добрата музика. И овој пат не пропушти да седне во скопска кафеана . 

„Бев на улицата Боемска во една кафеана. Тројца свирачи ми свиреа, јас пеев со нив. Кога сум тука, сакам да уживам во вашата музика и во добрата храна. Па, така, и без тавче-гравче не си одам“, ни раскажа Пејовиќ.

Вели дека, освен што е гурман, ужива во доброто вино и во пури од Никарагва. Има свое лозје, па прави домашно вино. „Јас имам илјада стебла винова лоза во Смедерево, годишно правам околу 700 литри вино и со пријателите секако дека ќе го испиеме“, искрен е пејачот.

Од Приеполе, каде што е роден, до Белград има многу приказни. Деновите во ученичкиот дом во Подгорица го врзуваат за многу спомени, и убави и неубави. „Тоа ме научи да знам како да се однесувам и кога имам и кога немам“.

Татко е на три ќерки, а за себе вели дека е многу строг. „Па мајка ми да не ме тепаше по задникот, може ќе бев наркоман“, вели Пејовиќ.

Со сопругата Билјана е 30 години во брак. Ни откри дека по 7 дена врска се оженил. Од матурска вечер ја однел Билјана кај него дома . „ Хаос беше и со нејзините, се лутеа. Ама ете нѐ заедно со три прекрасни ќерки. И не е лесно со четири жени дома, ама издржувам“, низ насмевка вели Пејовиќ.

Зборувавме и за времето кога им било најтешко. На неговата сопруга Билјана ѝ се избришани три месеци од меморијата, имала излив на крв во мозокот. „Да, тоа е аневризма и таа е оперирана. Билјана е професор на факултет и паднала пред студентите. Операцијата траеше 6 и пол часа. За среќа, закрепна. Три месеци ѝ се избришани од меморијата. Не ни беше лесно, но повторно сме среќни“, раскажува Пејовиќ.

За филмот „Тома“, кој му ја обележа годината, за измислениот дует меѓу Силвана и Здравковиќ и како излегува на крај со хејтерите, од детството до денес… гледајте го интервјуто.

Александра Георгиев

Scroll to Top