Драган Бјелогрлиќ: Осумдесеттите беа најубавото време да се живее во Југославија

Актерот Драган Бјелогрлиќ деновиве престојуваше во Скопје каде што на затворањето на филмскиот фестивал „Киненова“ ја промовираше својата нова серија „Сенки над Балканот“, каде што се јавува како продуцент и режисер, но ја игра и главната улога.

Серијата во десет продолженија  ќе се прикажува на Македонската телевизија од 22 октомври, а во неа настапуваат и македонските актери Никола Ристановски, Тони Михајловски, Петар Арсовски, Јана Стојановска.

„Кога почнавме да го пишуваме сценариото веќе ја имавме вклучено и македонската приказна. Истото ќе продолжи и во следната сезона. Во крајна линија ВМРО го уби кралот на СХС, мора да го следиме тоа. Приказната сама ги донесе во серијата и македонските актери, беше логично да бидат дел од серијата“, рече Бјелогрлиќ за „Репортер“.

Кариерата ја започна 1978 година со улогата на Сирогојно во филмот „Бошко Буха“. Во тоа време воопшто не размислувал за актерска кариера. Се запишува на Градежниот факултет во Белград, но сфатил дека тоа не го интересира, па по една година се запишал на Факултетот на драмски уметности.

Улогата што му донесе популарност е Боба Попадиќ во серијата „Подобар живот“, по што следуваат улоги во „Заборавени“, „Црниот бомбардер“, „Ајде да се сакаме“, „Убавите села убаво горат“, „Рани“, „Ивкова слава“, „Ќе се вратат штрковите“ и многу други.

„Кога го снимав ‘Подобар живот’ бев млад, популарен и живеев во голема држава која беше многу подобра, посреќна и побогата од оваа денес. Тоа би го нарекол најубавиот период во мојот живот, посебно што по осумдесеттите години, дојде еден многу лош период“, раскажува актерот.

Одамна се занимава со продукција, а пред неколку години актерството го замени со режија. Негов прв проект како режисер е филмот „Монтевидео“.

По четириесет години актерство, вели, не запира.

„Рано ми е да сумирам резултати. Сè уште гледам напред.“

Целото интервју со Драган Бјелогрлиќ можете да го погледнете на линкот подолу.

Андријана Јовановска

 

Scroll to Top