Првпат во животот облеков фармерки откако ослабев 60 килограми: Пејачката Ивона Јо среќна и посветена на музиката

Пејачката Ивона Јовановиќ ослабе 60 килограми и првпат во животот облече фармерки. Шест месеци по операцијата на желудникот вели дека конечно е задоволна кога ќе се погледне во огледало.

„Веќе ја немам онаа лажна самодоверба. Кога се затворивме во пандемијата, дознав многу работи за себе, на пример дека се прејадував не затоа што сум била гладна, туку за да го скријам стресот. Денес животот ми е сменет, вежбам јога, медитирам, посветена сум на пеењето и настапите и конечно сум вистински среќна“, вели Ивона во интервјуто на „Репортер“.

Се дружевме во Куманово, градот каде што е родена и живее. И додека ни ги откриваше омилените места на нејзиниот град разговаравме за сè. За музиката, настапите во „Ѕвездите на Гранд“, па и онаа болна тема, психичките проблеми кои со години ја мачеле поради дебелината.

„Никој не ме прашуваше како сум. Ме покажуваа со прст и коментираа дека сум дебела. Кога објавив слики на кои носам свилен фустан, луѓето мислеа дека промовирам гојазност. Јас тоа го направив за себе. Разговорите со психолог многу ми помогна да ги надминам проблемите и да сфатам дека имам многу квалитети за кои не бев свесна“, вели Ивона.

Од дете имала проблем со дебелината. Баба ѝ ја учела да носи широка облека за да ѝ го покрива телото. Денес, кога тоа е минато, Ивона вели дека веќе не се лути, ниту на родителите ниту на баба ѝ.

„Им простив, затоа што само така можев да тргнам напред и да ги надминам сите психолошки проблеми“, искрена е пејачката.

Низ сите овие години музиката ја водела напред. Зад неа е и бендот со кој ни покажа како се пее. А, кога е на јога, освен што го затега телото, си ја смирува и душата. Помеѓу музиката и јогата, секогаш наоѓа време за дружење и чаша вино со нејзиниот најдобар пријател, пејачот Марио Арангеловски. Марио го запознала на аудиција за ‘Идол’. Иако не се сакале, денес се најдобри другари.

„Баба му Ратка многу ме сака и сака да ѝ бидам снаа. Марио лаже дека не сме љубители на алкохолот. И двајцата сакаме да испиеме чаша добро вино“, рече Ивона. Поради алкохол настанал и најсмешниот клип за јутјуб што го снимиле и бидејќи пијани глумеле модно жири, клипот никогаш не го објавиле.

Дали им било непријатно да се бакнуваат пред камери, како еден на друг си биле лоша среќа во „Гранд“, ама и зошто Ивона не ѝ пееше пратечки вокали на Калиопи на Евросонг. Тука се и муабетите за детството , за операцијата што ја чека пред крајот на годината, песната што наскоро ќе ја снима во Белград, како од 5ХЛ стигна до Л и зошто сака да отвори бутик на плус сајз девојки… гледајте го видеото.

Андријана Јовановска

Scroll to Top