Среде пандемијата ми се исполни сонот: Пијанистката Дани Жоговска примена на престижниот факултет за музика во Германија

Пијанистката Дани Жоговска наскоро ќе замине во Штудгарт за да студира на еден од најстарите и најреномирани факултети за музика во Германија. Таа е една од ретките која и покрај пандемијата и големата конкуреанција, успеа да се запише на  Факултет за музика и сценска уметност. Факултетот е основан уште во 1857 година, а секоја година во него конкурираат околу 1000 суденти од целиот свет. Лани, на натпревар што се одржувал на овој факултет, Дани ја доби наградата за најдобар пијанист што било дополнителен мотив да се обиде да го помине приемниот испит. Сега, таа е меѓу 80-те нови студенти на штудгартскиот Факултет за музика.

„Само 15 минути откако завршив со приемниот испит, добив меил од деканот на факултетот, професорот Фридман Ригер, во кој пишуваше дека имам место на неговата катедра,“ ни раскажа Дани.

Таа годинава матурираше во средното музичко училиште „Илија Николовски – Луј“, во класата на професорката Огненка Герасимовска – Димитровска. Свири пијано од 5 години. Љубовта кон класичната музика ѝ се родила додека гледала како нејзината постара сестра свири на пијано. На почетокот, вели, повеќе сакала да си игра со другарите отколку да вежба, но сега без проблем свири и по 6-7 часа на ден.

„Научив да ја препознавам емоцијата во делата што ги свирам. Кога бев мала, мајка ми ме тераше да вежбам, мене ми одеше тешко. Но, сега е поинаку и знам дека само со упорност и напорна работа стигнав до нивото на коешто сум“, рече Дани.

Кој ја критикува најмногу, што кога среде концерт ќе згреши, но и за тоа како е да се свири пред многу публика, што очекува од студиите во Германија и дали ѝ е жал за пропуштените патувања и излегувања во тинејџерските години… Гледајте го интервјуто.

Андријана Јовановска

Scroll to Top