Откако Васил Гарванлиев неодамна јавно проговори за својата сексуална ориентација како да го навлече гневот на јавноста на себе, но и како да се ослободи од голем товар по јавното признание. Од една страна му дадоа поддршка и рекоа дека е храбар што зборува за работи за кои најчесто се молчи, а од друга страна го навредуваа и му се закануваа. Васил е еден од ретките јавни личности на Балканот кои отворено зборуваат за својата сексуалност.
„Мислам дека бев во пубертет кога сфатив кој сум. Тогаш ѝ напишав писмо на мајка ми, а таа откако го прочита ми рече: ‘Знаев и пред да ми кажеш. Биди среќен, тоа ми е најважно’. Ми олесна што ѝ кажав и што таа ме израсна со многу љубов“, рече Васил во интервјуто. А ни откри и дека во моментов нема партнер.
„Јас верувам во љубов, тоа е мојата Ахилова пета. Тоа е и мојата порака за младите – најди барем една личност на која ѝ веруваш и сподели. Вистината боли, но ти дозволува да живееш мирно“, вели пејачот кој неодамна се врати од Евровизија во Ротердам.
Но, ни на најголемиот музички фестивал во Европа Васил не отиде лесно. Откако го промовираше спотот за песната Here I Stand, во кој наводно се појави бугарското знаме, почнаа проблемите. Се вмеша и политиката, па Македонската телевизија состави комисија за да истражи дали Васил со изјавата дека има и бугарско државјанство ги прекрши евровизиските правила. Дури потоа потврдија дека Гарванлиев ќе пее на Евросонг. Почна да добива закани, но вели дека избра да молчи наместо да се брани, оти што и да направи ќе биде погрешно сфатен.
„Човек сум и ако кажам дека сè што ми се случуваше пред Евросонг беше лесно, ќе излажам. Но, бев многу мирен, затоа што работите беа извадени од контекст. Јас и пред две години реков дека сум најгордиот Македонец. Сепак, очекував одговорните во тој момент да застанат зад мене,а тоа не се случи“, ни кажа Гарванлиев и додаде: „Иако бев последен од жирито и не влегов во финалето, знам како испеав и горд сум на тоа како ја претставив Македонија“.
Низ разговорот Васил ни раскажа интересни приказни: од тоа кога сфатил дека е геј, до муабетот дека неговите стрејт пријатели секогаш сакаат да го дружат во диско оти покрај него се најубавите жени. Но и спорниот евровизиски спот, за слабиот пласман и дали ќе настапи на Парадата на гордоста… гледајте го интервјуто.
Андијана Јовановска