Ако се тргне од теоријата на заговор, според која коронавирусот е измислен од некого за да заработи, тогаш од лабораторија го пуштил Џеф Безос, а не Бил Гејтс, затоа што пандемијата на Ковид-19 и тоа како имала позитивно финансиско влијание врз компанијата „Амазон“.
Од почетокот на годината акциите на „Амазон“ скокнале речиси 70 %, а пазарната вредност на таа компанија, која се занимава со електронска трговија, достигнала дури 1.500 милијарди долари.
Само во еден ден Безос заработил 13 милијарди долари и со тоа постави нов рекорд на дневна заработка. Се разбира, ниту оваа теорија ниту онаа според која короната ја измислил Бил Гејтс, нема премногу логика затоа што целиот свет губи од неа.
На подолг рок Безос не може да добива, а со Ковид-19 глобалната економија ја чини досега над 11.000 милијарди долари. Толку од почетокот на пандемијата, светската економија се задолжила за да ги санира разорните економски последици од овој вирус.
На ова предупредуваат и Светскиот меѓународен фонд и Светската банка. Глобалниот долг првпат во историјата го надмина годишното производство.
За колку пари станува збор, говори и податокот за тоа дека на Србија, при ова ниво на домашен бруто-производ, ќе ѝ бидат потребни повеќе од 230 години за да заработи 11 билиони долари.
И самиот Безос на подолг рок не смета на ваков вртоглав раст на приходите. Така, неодамна тој ги предупреди инвеститорите дека целокупниот четиригодишен профит во овој квартал ќе го потроши на трошоци поврзани со Ковид-19.
Станува збор за трошоци за мерките за зачувување на безбедноста на вработените, но и безбедноста на испораките и резервите. Таму каде што сите губат, нема добивка.
Слична аргументација може да се примени и за Бил Гејтс. Без разлика на тоа што овој милијардер неодамна го напушти „Мајкрософт“ и се посвети на хуманитарната работа, сосема е сигурно дека не му е во интерес од корона да умрат што е можно повеќе потрошувачи и компанијата што ја основа да продава помалку компјутери.
Авторите на оваа теорија на заговор тврдат дека Бил Гејтс се залага да се намали бројот на луѓето сè додека на планетата не остане само „златната милијарда“.
Но, што повеќе им се исплаќа на големите производители на компјутери – да имаат пазар од седум милијарди луѓе или само од една милијарда?
Освен ако не мисли Гејтс, кој ѝ се посвети на филантропијата, проблемот со сиромаштијата да го реши со изумирање на населението. Но, короната не избира. Поради короната, умираат и богатите.
Не е логична ниту теоријата според која Кинезите го измислиле и намерно го пуштиле вирусот. Само во првото тримесечје кинеската економија била во пад од 6,8 %, а падот од кинеското индустриско производство е најголемо во последните 30 години.
Немаат многу смисла ниту теориите според кои вирусот го измислиле Американците. Освен падот на берзите, се очекува падот на американската економија до крајот на годината да достигне најмалку осум проценти. Дури 40 милиони Американци, поради короната, останаа без работа.
Фама од фармацевтите
Постои и теза дека пандемијата на коронавирусот е во најголем интерес на фармацевската индустрија. Сепак, поради овој вирус, и најголемите светски фармацевтски компании бележат губиток.
Прво, поради затворањето на границите и отсуството на авиолетови, отежнато е снабдувањето. А 90 % од суровините за генерички лекови се увезуваат од Кина.
Така, на пример, американската компанија „Фајзер“ во првото тримесечје од оваа година остварила осум проценти помала заработка отколку во истиот период минатата година.
Друг проблем е тоа што снабдувањето со суровини може да предизвика и недостиг на пазарот на лекови. И, трето, ни на производителите на медикаментите не им е во интерес да умираат оние што купуваат лекови.
Дали, сепак, во фармацевската индустрија ќе заработи оној што прв ќе произведе ефикасна вакцина против Ковид-19?
Ако е тоа така, зошто тогаш компанијата „Астра зенека“ најавува дека својата вакцина ќе ја продава за цена од 2,5 евра?
И зошто директорот на компаниајта „Паскал Сориот“ изјави дека негова цел е вакцината да биде достапна за сите? Затоа што во негов најголем интерес, но и во интерес на неговата компанија, е да спречи понатамошното уривање на глобалната економија.
Затоа што оваа криза е многу полоша од онаа во 2008 година.
Вирусот е побрз од 5Г-мрежата
Вкупниот светски јавен долг до крајот на годината ќе порасне 20 %. Тоа е двојно повеќе отколку за време на големата рецесија. Со тоа главниот јавен долг ќе го достигне своето најголемо ниво уште од Втората светска војна.
И на крајот, има и такви што се убедени дека Ковид-19 настанал паралелно со ширењето на 5Г-мрежата.
Тие теории одат дотаму што дури може да се чуе дека жиците во заштитните маски се приемници за 5Г-мрежа. Но, таа теорија има јасна логична грешка. Вирусот стига и до таму каде што 5Г-мрежата не стигна. А заштитните маски за ваквите видови теории на заговор, кои имаат лошо влијание врз јавното мислење, сè уште не се измислени.