Каде исчезнаа телата на настраданите патници од Титаник?

Точно на пладне на 10 април 1912 година најголемиот патнички брод на светот го напушти пристаништето во Саутемптон и отпатува за Њујорк. Пет дена подоцна прочуениот RMS Титаник, кој превезуваше 2224 патници, се удри во леден брег среде Атлантикот и потона. Тие кои имале среќа и пари успеале да се спасат од ледената смрт и да побегнат со чамците за спасување, но, за жал, тоа биле малкумина. Се проценува дека околу 1500 патници и членови на екипажот засекогаш се проголтани од црнилото на ледениот океан.

Околу 340 жртви на несреќата се пронајдени како пловат, заледени во своите спасувачки елеци. Минаа повеќе од 100 години од несреќата, а и понатаму немаме одговор на прашањето што се случило со останатите тела.

Џејмс Камерон, режисерот на филмот „Титаник“, и самиот е збунет од ова прашање.

„Се спуштив на таа длабочина 33 пати и ниту еднаш не ги видов остатоците од човечките тела“, изјави тој за „Њујорк тајмс“.

Поради ова прашање многу експерти, кои со години се посветија на извлекување на Титаник, сè уште не дојдоа до јасен одговор. Имено, остатоците на Титаник се пронајдени дури во 1985 година, повеќе од 71 година откако потонал. Тоа е многу време и еден дел од научниците сметаат дека морските суштества, времето и солената вода си го направиле своето, и дека телата одамна се распаднале. Сепак, интересно е што ни коските никогаш не се пронајдени.

Други сметаат дека во ноќта кога Титаник потонал имало силна бура, со големи бранови, кои придонеле  телата да се разнесат со милји далеку од местото на кое Титаник навистина потонал.

Трети, пак, тврдат дека стотина луѓе биле заробени внатре во бродот кога тој потонал, што е многу важна информација затоа што состојбата на тие тела многу зависи од тоа колку биле изложени на отворена вода со многу кислород и морски суштества. Што помалку кислород во водата, толку побавно телото може да се распадне, па затоа многу научници воопшто не би биле изненадени што по сите овие години во собата со мотори, која се наоѓа во самата внатрешност на бродот, пронашле речиси цело тело.

Камерон вели дека повеќепати видел облека, капути, па дури и чевли, и тоа две, што укажува дека во близина се наоѓа човек. Сепак, од костурите ни трага ни глас. Ова само наведува на мислењето кај повеќето научници за Титаник дека телата по многу години се сведени на само седименти од остатоци кои воопшто не се гледаат.

Со други зборови, исчезнале. Природата навистина знае да биде грозна понекогаш.

 

 

 

Scroll to Top