Опасен вирус откриен кај лилјаци во Јужна Австралија, експертите предупредуваат дека ги убива луѓето ако не се лечат

Смртоносен вирус е пронајден кај лилјаци во пештерите во Јужна Австраија, а експертите предупредуваат дека болеста наликува на беснило и дека може да ги убие луѓето кои ќе се заболат, ако не се лечат.

Јужноавстралискиот завод за јавно здравје издал соопштение во кое го предупредува населението да избегнува каков било контакт со лилјаците.

Доктор Луиз Флад, од одделението за контрола на болести од Министерството за здравје, изјавила дека ова е трет пат како е пронајден лисавирус (ABL) кај лилјаците во Јужна Австралија.

„ABL е болест која многу е слична со беснилото и која може да се пренесе на луѓето со каснување, но и ако лилјакот ве изгребе. Ако ви се појават симптоми, болеста може да биде фатална“, изјавила доктор Флад.

„Иако само еден процент од лилјаците има ABL, овие неодамнешни случаи се загрижувачи и ова претставува важен потсетник дека лилјаците треба да ги чуваат соодветни обучени и вакцинирани тренери. Иако развојот на ABL-болеста може да се спречи со правилно санирање на каснатото или изгребаното место, најдобро е сепак да се избегнува секаков контакт со нив“, додала таа.

Доктор Мари Кар од Одделението за примарна индустрија предупредила дека сопствениците на домашни миленици треба да ги држат своите животни подалеку од лилјаците.

„Ако се посомневате дека вашето животно е каснато или дека е изгребано од лилјак, ве молиме да контактирате со вашиот ветеринар или со лица од Центарот за контрола на животински болести“, навела таа.

Минатата година се регистрирани девет случаи на луѓе кои биле изложени на ABL и сите случаи биле третирани превентивно и сите добиле вакцина против беснило.

Секое каснување или гребаница од лилјак мора веднаш да се третира. Раната треба да се чисти најмалку пет минути и веднаш да се нанесе антисетик, порачуваат експертите.

Што е лисавирус од австралиските лилјаци (ABL)?

Вирусот беснило и ABL припаѓаат во групата на лисавируси, кои обично се пренесуваат преку каснување од заразени животни. Тие предизвикуваат болест на беснило, кои го погодуваат централниот нервен систем и обично исходот е фатален.

Светската здравствена организација проценува дека секоја година од беснило умираат повеќе од 55.000 луѓе. Само три случаи на зараза и смрт кај луѓето од ABL се регистрирани од кога вирусот првпат е идентификуван во 1996 година. Сите три биле регистрирани во Квинсленд.

За потсетување, како главен виновник за пандемијата на коронавирусот, од кој умреа милиони луѓе, најчесто се издвојуваат лилјаците. Многу сметаат дека лилјаците го пренесуваат коронавирусот и дека тој вирус од нив преминал на луѓето.

Scroll to Top