Поради честите патувања во вселената, астронаутите и туристите би можеле да донесат непосакувани посетители, предупредуваат научниците

Поради честите патувања во вселената, човекот би можел ненамерно да донесе на Земјата непосакувани посетители или вонземјански патогени, предупредуваат научниците.

Научниот портал Science Alert пишува дека пред патувањето надвор од Земјата да стане рутина, светот мора да се посвети на некои темелни биосигурностни мерки. Во трката по комерцијалните вселенски летови, вклучени се повеќе од 85 компании, пренесува порталот.

Научниците предупредуваат и дека ако астронаутите успеат да донесат на Земјата некои странски организми од некои од вселенските патувања, тие лесно би можеле да ја разорат Земјината биолошка рамнотежа.

Изгледите да се случи такво нешто се веројатно многу мали, велат научниците, затоа што сѐ уште не сме пронашле живот надвор од нашата планета. Но, со оглед на можните последици, некои од нив сметаат дека човекот треба да се подготви и за такви сценарија.

Поверојатна е опцијата човечки турист да понесе некаков организам од Земјата во вселената, што исто така претставува ризик, предупредуваат тие. Студиите покажале дека некои микроби може да доживеат рапидна генетска мутација во услови какви што ги има во вселената.

По одгледувањето илјадници генерации ешерихија коли во услови на микрогравитација, научниците откриле дека штетната бактерија станала уште поагресивна и поотпорна на антибиотици.

Доколку таков отпорен сој се врати на Земјата, може да претставува опасна закана за човечкиот живот.

„Малите ризици, кои потенцијално би можеле да предизвикаат екстремни последици, се во срцето на биосигурноста. Кога работите ќе тргнат наопаку во тој дел, може да се случи гадна работа“, предупредил биологот Фил Кеси, експерт за инвазивни видови од Универзитетот во Аделаида.

Меѓународниот комитет за вселенски истражувања (COSPAR) составил панел за заштита на планетата, но ниту еден постоен член не е експерт за инвазивни видови.

Австралиските биолози веруваат дека тоа би можело да биде голем превид. Тие велат дека е императив да се воспостават пософистицирани протоколи насочени кон спречување на биолошката контаминација на Земјата од вонземската средина и обратно.
„Ние веруваме дека подобрата соработка помеѓу астробиолозите и биолозите специјализирани за инвазивни видови значително ќе ги подобри постојните меѓународни протоколи за планетарна биосигурност и за Земјата и за вонземските тела, кои би можеле да содржат живот“, напишале тие во една статија во списанието BioScience.
Се чини дека тековните протоколи не функционираат најдобро.

На пример, кога израелско вселенско летало се урна на Месечината во 2019 година, во несреќата испуштило и сушени долговечни животни со микроскопска големина, кои можеби сè уште се живи на површината.

Уште позагрижувачки е откривањето бактериски соеви со исклучителна отпорност во таканаречените чисти соби на НАСА, каде што вработените ги составуваат вселенските бродови.

Доколку овие микроби биле случајно транспортирани во вселената, можно е тие да станат уште повирулентни во услови на микрогравитација.

Сепак, некои од експертите веруваат дека е речиси невозможно да се задржат копнените микроби на Земјата. Каде и да одат луѓето, тие неизбежно ги носат своите организми со себе.

Тие предупредуваат дека вселената е само „следната граница на биосигурносниот ризик“.

Scroll to Top