На 11 септември 2001 година 19 милитанти поврзани со исламистичката екстремистичка организација Ал каеда киднапираа четири патнички авиои и извршија самоубиствени напади врз цели во САД. Два авиона удрија во кулите на Светскиот трговски центар во Њујорк, третиот авион удри во Пентагон, во предградие на Вашингтон, а четвртиот се урна во поле во Пенсилванија. Често именувани како 9/11, нападите резултираа со многу иницијативи за борба против тероризмот одредувајќи ја политиката на претседателот Џорџ Буш Помладиот. Над 3.000 луѓе загинаа за време на нападите во Њујорк и Вашингтон, вклучувајќи и повеќе од 400 полицајци и пожарникари.
На 11 септември 2001 година во 8.45 часот во тоа сончево вторничко утро „боинг 767“ на „Американ ерлјанс“, полн со 20.000 галони авионско гориво, удри во северната кула на Светскиот трговски центар во Њујорк. Ударот отвори дупка и предизвика пожар на целиот 80-ти кат од 110-катната кула. Додека траеше евакуацијата во кулата и кај нејзиниот близнак, телевизиските камери вршеа директен пренос на она што на почетокот изгледаше како чудна несреќа. Потоа, 18 минути по ударот на првиот авион, и втор авион, „боинг 767“ на „Јунајтед ерлјанс“ на „летот 175“, се појави на небото, остро сврте кон Светскиот трговски центар и удри во 60. кат. Ударот предизвика огромна експлозија од која остатоци паѓаа како дожд врз околните згради и улици. Америка беше нападната.
Напаѓачите беа исламистички терористи од Саудиска Арабија и од неколку други арапски држави. Наводно, финансирани од терористичката организација Ал каеда на саудискиот бегалец Осама бин Ладен, тие живееле во САД повеќе од една година и посетувале часови по летање во американските школи за пилоти. Други влегле во земјата неколку месеци пред 11 септември и работеле како „мускули“ во операцијата. Деветнаесетте терористи без проблеми внеле ножеви и скалпели покрај безбедноста на три аеродроми на Источниот Брег и се качиле на четири лета кон Калифорнија во авиони полни со гориво за долги трансконтинентални летови. Набргу по полетувањето, терористите ги презеле четирите авиони и од обични патнички авиони ги претвориле во наведувани ракети.
Додека милиони луѓе ги следеа настаните во Њујорк, авионот на „летот 77“ на „Американ ерлајнс“ кружеше над центарот на Вашингтон и се урна во западната страна на воениот штаб на Пентагон во 9.45 часот. Горивото од „боингот 757“ создаде пекол кој предизвика колапс на дел од огромната бетонска структура. Како што беше соопштено, 125 воени лица и цивили загинаа во Пентагон заедно со 64 -те лица што беа во авионот.
Помалку од 15 минути по терористичкиот удар во центарот на војската на САД, хоророт стана уште поголем кога јужната кула од Светскиот трговски центар се распадна во масивен облак од прав и чад. Челикот во структурата на облакодерот, направен да издржи ветрови со брзина над 200 милји на час, и големиот оган не можеа да ја издржат огромната топлина што ја предизвика авионското гориво. Во 10.30 часот и другата кула од Светскиот трговски центар колабира. Речиси 3.000 луѓе загинаа во Светскиот трговски центар и околината, меѓу кои и повеќе од 343 пожарникари и луѓе од брзата помош, 23 њујоршки полицајци и 37 полицајци од Крајбрежната полиција, кои се обидуваа да ја завршат евакуацијата на зградите и да ги спасат луѓето заробени во најгорните катови. Само шестмина кои во моментот на уривањето се наоѓале во Светскиот трговски центар успеале да преживеат. Речиси 10.000 други беа згрижени како повредени, а многумина беа тешко повредени.
Во меѓувреме и четвртиот авион, кој полета кон Калифорнија, „летот 93“ на „Јунајтед ерлјанс“, беше киднапиран 40-ина минути по полетувањето од меѓународниот аеродром во Нуарк, Њу Џерси. Бидејќи авионот задоцни при полетувањето, патниците што се наоѓаа во него слушнаа за настаните во Њујорк и Вашингтон и контролата за летање го повика авионот да се приземји. Знаејќи дека авионот нема да се врати на аеродромот, каква што беше намерата на киднаперите, група патници и екипажот планирале да сторат нешто. Еден од патниците, Томас Барнет Помладиот, на жена си преку телефон ѝ кажал: „Знам дека сите ќе загинеме. Тројца од нас ќе сториме нешто во врска со тоа. Мила, те сакам!“ Друг патник, Тод Бимер, преку отворената линија рекол: „Момци, подготвени? Тргнуваме!“ Стјуардесата Сенди Бредшоу го повикала сопругот и му ообјаснила дека слегла во товарниот простор и дека полни бокали со зовриена вода. Нејзините последни зборови кон него биле: „Сите трчаат кон првата класа. Морам да одам. Збогум!“
Патниците се бореле со четворицата киднапери и се смета дека влегле во пилотската кабина со помош на апарат за гаснење пожар. Авионот потоа нагло се превртел и вртоглаво тргнал надолу со брзина од 500 милји на час и се урнал во поле во западна Пенсилванија во 10.10 часот. Сите 45 луѓе во авионот загинале. Не е позната конечната цел на киднаперите, но некои теории велат дека тоа било Белата куќа, американскиот Капитол, претседателската вила во Кемп Дејвид во Мериленд или некоја од неколкуте нуклеарни централи по должината на источниот брег.
Во 19 часот претседателот Џорџ Буш Помладиот, кој цел ден бил превезуван низ земјата од безбедносни причини, се вратил во Белата куќа. Во 21 часот преку телевизија ѝ се обратил на нацијата од Овалната соба изјавувајќи: „Терористичките напади може да ги потресат темелите на нашите највисоки згради, но не можат да допрат до темелите на Америка. Овие напади удрија врз челикот, но не можат да влијаат врз одлучноста на Американците“. Во однос на евентуален американски воен одговор, тој објавил: „Нема да правиме разлика меѓу терористи што го сторија ова и оние што ги поддржуваат“.
На 7 октомври почна операцијата „Издржлива слобода“, меѓународна коалиција предводена од САД, со цел да се протера талибанскиот режим во Авганистан и да се уништи терористичката мрежа на Осама бин Ладен. За два месеца американските сили ефикасно ги истераа талибанците од оперативна моќ, но војната продолжи додека САД и коалициските сојузници се обидуваа да ја задушат талибанската револуција која се водеше од соседен Пакистан. Осама бин Ладен, креаторот што стоеше зад нападите од 11 септември, остана на слобода до 2 мај 2011 година кога, конечно, беше пронајден и убиен од американските војници во своето скривалиште во Аботабад, Пакистан. Во јуни 2011 година претседателот Барак Обама го најави најголемото повлекување на трупите од Авганистан, а конечното повлекување до последен американски војник беше планирано за 2014 година.