Нивото на морињата рапидно расте, а тоа денес се случува двојно побрзо. Низ целиот 20 век, речиси постојано нивото на морињата растеше за 1,4 милиметри годишно, а од 2006 до 2015 година, оваа бројка се зголеми на 3,6 милиметри годишно.
Од Националната управа за океани и атмосфера на САД, NOAA, предвидуваат дека нивото на морето ќе порасне за уште 0,3 метри до почетокот на наредниот век, во однос на вредноста од 2000 година. Панелот за климатски промени при Обединетите Нации, процени дека нивото на морето до 2100 година ќе порасне за 40 до 63 сантиметри.
Доколку овој тренд продолжи со вртоглава брзина, низ целиот свет ќе настане хаос, предупредуваат експертите. Околу 250 милиони луѓе, на сите континенти, директно ќе бидат погодени. Дали може да се направи нешто и да се избегне катастрофа?
„Дали градовите или државите ќе исчезнат зависи од тоа што ние како луѓе ќе направиме за да се спротиставиме на заканата. Поголем дел од Холандија е веќе под нивото на морето, но, не исчезнува, затоа што Холанѓаните градат свои крајбрежни бедеми“, рече Герд Маселинк, професор по крејбрежна геоморфологија на Универзитетот Плимут во Велика Британија.
Кои држави се во опасност?
Малдивите се составени од 1200 мали корални острови на кои живеат околу 540.000 луѓе и претставува најрамна земја на светот, со просечна надморска височина од еден метар. Доколку нивото на морето се зголеми за само 45 сантиметри, би исчезнало 77% од копното до 2100 година.
Кирибати е со надморска височина од околу 1,8 метри. Оваа земја исто така е во опасност да потоне. Во прашање е мал остров кој се наоѓа во срцето на Пацификот каде живеат околу 120.000 луѓе, кои би можеле да останат без две третини од копно.
Всушност, речиси секој жител на остров на Пацификот би бил исклучително погоден од растот на нивото на морето. Околу три милиони луѓе живеат 10 километри од брегот, така што до крајот на векот на сите нив ќе им треба нов дом.
Растот на нивото на морето веќе доведе до исчезнување на најмалку пет гребенски острови кои претходно беа дел од Соломоновите острови.
Други шест се соочуваат со сериозно намалување на крајбрежјето. Но, овие држави, иако се загрозени, имаат помал број на жители.
Овој проблем ја погодува и Кина, каде околу 43 милиони луѓе живеат во крајбрежни области. Во Бангладеш 32 милиони луѓе се во ризик од пораст на нивото на морето, а во Индија 27 милиони.
Невозможно е да се замисли дека некои од земјите би можеле целосно да исчезнат до 2100 година, поточно целосно да ги проголта водата. Од друга страна, тоа би можело да се случи во одредени градови.
Градови кои ги проголтува водата
Еден од најасните примери е Џакарта, поради што Индонезија одлучи да изгради целосно нова престолнина, затоа што оваа тоне. Џакарта е дом за 10 милиони луѓе и е опишан како град кој тоне најбрзо во светот. Од 5 до 10 сантиметри тоне секоја година поради прекумерното црпење на подземните води.
Кога на тоа ќе се додаде и растот на нивото на морето, се добива рецепт за катастрофа, велат експертите. Според проценките, поголем дел од Џакарта би можел да биде под вода до 2050 година. Всушност ситуацијата е толку лоша што властите ја градат Нусантар, град кој се наоѓа на источниот брег Борнео, околу 2000 километри подалеку од сегашната престолнина.
Не е Џакарта единствениот град кој има несигурна иднина. Според проценките на Светскиот економски форум, до 2100 година, под вода би можеле да се најдат и Дака, Бангладеш (со популација од 22,4 милиони жители), Лагос, Нигерија (15,3 милиони), Бангкок, Тајланд (девет милиони). Или ќе бидат комплетно погодени или огромни делови од земјиштето ќе бидат неупотребливи.
Растот на нивото на морето ќе влијае и на САД, а одредени подрачја до 2050 година ќе бидат ненаселиви.
По должината на бреговите, поплавите поради плимата и осеката се за 300, а некаде и за 900 проценти почести отколку пред 50 години. Ова покажува дека порастот на нивото на морето треба да биде знак за загриженост.
Најмногу загрозен е градот Њујорк, а се проценува дека до 2050 година, речиси половина милион луѓе би можеле да живеат на ризично земјиште. Градот е во опасност од поплави, а тоа се виде и во 2012 година за време на ураганот „Сенди“.
Најмалку 43 луѓе загинаа во бурата, а четвртина од возилата беа унитешни. Беше направена штета од повеќе од 32 милијарди долари.
Кога станува збор за областите подложни на поплави, Флорида сè уште е најранливата американска држава. Од 50 градови во опасност од поплави, 36 се наоѓаат на Флорида.
Земјите кои вложуваат во инфраструктура, како Холандија, можеби ќе можат да ги избегнат последиците од поплави. Но, не секаде можат да се применат идеите на ист начин. На пример, проширувањето на коралните гребени е можно само во одредени региони, а освен тоа, таквите мерки се и скапи.
Властите од округот Мајами-Дејд на Флорида добиле идеја како да се соочат со поплавите, но, без нанесување на штети на инфраструктурата. Новата стратегија предлага изградба на покачени згради и патишта.
Но, овие планови не наидоа на пофалби насекаде.
Одредени експерти, како Роб Мур од Советот за одбрана на природните ресурси, за „Њујорк тајмс“ рече дека одредени предлози само ја намалиле сериозноста на заканата.
Има и такви кои сметаат дека во одредени области треба да се прифати поразот, наместо да се зашти целокупната инфраструктура. Иако САД би можеле да инвестираат во заштита на крајбрежјето до одреден степен, а потоа да учат од своите грешки, повеќето земји во развој го немаат тој луксуз, како што е, на пример, Бангладеш.
Со еден збор, дали некоја земја ќе потоне или не, не зависи само подигнувањето на нивото на морето, туку и на способноста на владата да се справи со овој проблем.