Венецуелскиот претседател Николас Мадуро најави во неделата дека земјата ќе воведе сопствена криптовалута, под името „петро“, која ќе биде потпомогната од огромните резерви на природни ресурси во земјата.
„Венецуела најавува сопствена криптовалута. Таа ќе се вика петро и ќе овозможи да се иновираат новите облици на меѓународни финансии за економски и општествен развој на земјата“, изјави претседателот Мадуро во неделата во соопштението на државната телевизија VTV, како што наведува „Ел Пердиодико“.
Во телевизиската емисија „Недела со Мадуро“ венецуелскиот претседател најави нова криптовалута, чија вредност ќе биде врзана за огромните резерви на земјата со нафта и плин, како и нејзиното рудно богатство, вклучувајќи го и златото, чија цел ќе биде да се „унапреди монетарниот суверенитет на земјата за извршување на финансиските трансакции, и да се порази финансиската блокада на државата од страна на Америка.
Сред моменталните бранови на економски санкции кои ги предводат САД, националната валута боливар изгубила речиси 57% од својата вредност само во последните четири недели, пренесува „Ројтерс“.
„Соочени сме со финансиска војна која ја осудивме и јас и опозицијата. Многу деловни луѓе трпат последици од блокадите на Доналд Трамп“, додаде Мадуро, како што наведува весникот „Панорама“.
Мадуро исто така одобри создавање опсерваторија „BlockchainBase“, која ќе го надгледува развојот и воведувањето на новата криптовалута, пренесува „Ла Патила“.
Членот на OPEC Венецуела има најголеми докажани резерви на нафта во светот, но се бори против падот на цената на нафтата, кој почна во 2014 година.
Во меѓувреме пазарот на криптовалутата, на чело со биткоин, го доживува својот успех на рекордно ниво, а големата нестабилност ги полни насловните страници на весниците во светот во последните неколку недели.