Мистериозната болест што се појави во Индија, а поради која беа хоспитализирани повеќе од 350 луѓе, е резултат на труење со тешки метали, пренесуваат светските медиуми.
Кај пациентите што биле заболени од оваа болест се појавиле симптоми на мачнина, анксиозност, конвулзија и губење на свеста, но сите имале негативен тест на коронавирусот.
Според извештаите на индиските медиуми, во примероците на крвта на најмалку десетина заболени од мистериозната болест биле пронајдени траги од тешки метали, како олово и никел.
„Повеќето од примероците што итно биле испратени во лабораторија биле премалку, но нивните резултати укажуваат на присуство на тешки метали, како олово и никел во крвта на пациентите. Сега чекаме обработка на уште примероци“, изјавил доктор Мохан од болницата „Елур“.
Во моментот во болницата се наоѓаат 84 пациенти, кои набргу треба да бидат отпуштени од одделението. Државниот секретар Јаганмохан Реди ја известил јавноста дека сѐ уште не е утврдено потеклото на болеста и дека специјални медицински тимови работат на детаљно истражување.