Синоќа во спортската сала на ООУ „Невена Георгиева Дуња“ се одржа првата бесплатна, заедничка полуматурска прослава за сите ученици од деветто одделение во Општина Кисела Вода. Настанот беше дел од проектот „Мисија Полуматура“, по иницијатива и организација на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и општината, што претставува нов пристап во одбележувањето на еден од најзначајните моменти за секој деветоодделенец.
Во фантастична атмосфера исполнета со многу смеа, радост и возбуда кај полуматурантите, настапуваа DJ Napster, дуото Два Бона и бендот Хепи Енд, На сцената настапија и самите полуматуранти, кои добија простор да го покажат својот талент. Пред салата беше поставена и фото кабина и “дрво за пораки”, каде беа овековечени стотици насмевки и среќни спомени кои ќе ги следат полуматурантите во нивниот понатамошен живот.
Ова беше одлична завршница на проектот „Мисија Полуматура“ кој се одвиваше во изминатиот период. Процесот на планирање и осмислување на содржините ко креираа полуматураните, а како дел од проектот, беше реализирана и специјална едукативно-креативна телевизиска емисија во соработка со Продукција “Стробери”.
„Јас, и како градоначалник и како човек, верувам дека секое дете, без разлика од која средина доаѓа, заслужува еднаква можност за радост, за убави спомени, за достоинствено одбележување на важните животни моменти. И токму затоа, вечерва – сите деветтоодделенци се еднакви. Без разлики, без поделеност. Оваа иницијатива не произлезе од некаков формален план или стратегија – произлезе од срце. Од вистинска потреба да покажеме дека можеме поинаку. Дека можеме да изградиме општина која навистина ги слуша младите – но уште поважно – општина која реагира и реализира. Ни беше важно не само да организираме прослава, туку да создадеме простор во кој вие, младите, ќе бидете активни креатори. И вие тоа го направивте“, рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во своето кусо обраќање пред полуматурантите.