Терористот Андрес Брејвик кој во 2011 година уби 77 лица на норвешкиот остров Утоја и рани повеќе од 150 и понатаму продолжува да ги тероризира семејствата на жртвите пишувајќи им писма. Брејвик во моментов ја издржува затворската казна изречена во Норвешка, од 21 година.
Тој е сместен во самица откако му е дијагностициран нарцистички и антисоцијално нарушување на личноста. Во писмата што им ги испраќа на преживеаните и семејствата на жртвите, тој ги повторува пораките од својот манифест кој ги напишал пред да тргне во крвавиот поход.
Лизбет Ројнеланд, која ја изгубила ќерката во нападот, рече дека го добила писмото на 8 страници на кое е потпишан Брејвик. Слични текстови им испратил и на Омладинската лига на Работничката партија, чиј камп беше мета на нападот пред 10 години.
„Претпоставувам дека тоа го прави за да привлече внимание. Но, јас ова го гледам и како вознемирување. Тој сака да стави до знаење дека е тука и на некој начин сака да нè уплаши. Целосно е неприфатливо масовен убиец да може да им испраќа писма на жртвите“, порача таа.
Пратеникот од Работничката партија и еден од преживеаните во масакрот, Торбјорн Вереиде, рече дека исто така примил писмо од Брејвик.
„Ме заболе стомакот. Беше ужасно непријатно. Има нешто апсурдно во тоа некој да впери оружје во вас и да се обиде да ве убие, а сега и да ви испраќа писма. Како срцето да ми застана за момент“, рече тој.
До 2016 година, Брејвик примил и испратил околу 3.000 писма. Судот сепак подоцна одлучи дека е неопходен строг режим за да спречи да воспостави контакт со истомислениците надвор од затворот. Во историјата на Норвешка не е забележан злостор со повеќе жртви од оној во 2011.
За потсетување, пред нападот, Брејвик напишал манифест во кој заговарал борба против мултикултурализмот и исламот, а го обвинил феминизнмот за европско културно самоубиство.