Вселенскиот телескоп на НАСА Џејмс Веб ги откри првите докази за знаци на живот на далечна планета. Наводно е откриена молекула наречена диметил сулфид која на Земјата ја произведуваат живи организми.
Истражувачите нагласуваат дека сè уште немаат цврсти докази дека ова е навистина диметил сулфид. За планета велат дека е оддалечена 120 светлосни години и дека се потребни повеќе податоци за да се потврди нејзиното присуство.
Истражувачите откриле и метан и CO2 во атмосферата на планетата, што би можело да значи дека на неа има воден океан. Професорот Нику Мадхусудан од Универзитетот во Кембриџ, кој го водел истражувањето, за „Би-би-си“ рече дека целиот тим бил изненаден кога ги видел резултатите.
„На Земјата, диметил сулфид произведува само животот. Поголемиот дел од него во атмосферата на Земјата се испушта од фитопланктонот во морската средина“, рече тој.
Додаде и дека откривањето на диметил сулфид засега е сè уште пробно и дека ќе бидат потребни повеќе податоци за да се потврди неговото присуство. Овие резултати се очекуваат за една година.
„Доколку тоа се потврди, тоа би било огромна работа и чувствувам одговорност, доколку имаме толку големо тврдење, да ги презентираме точните резултати“, рече тој.
Ова е првпат астрономите да детектираат можно присуство на диметил сулфид на планета која орбитира околу далечна ѕвезда. Но, тие пристапуваат кон резултатите со претпазливост, истакнувајќи дека тврдењето направено во 2020 година за присуство на друга молекула, наречена фосфин, која би можела да ја произведуваат живите организми во облаците на Венера, е оспорена една година подоцна.
Сепак, доктор Роберт Маси, кој е независен од истражувањето и заменик-директор на Кралското астрономско друштво во Лондон, рече дека е возбуден од овие резултати.
„Полека се движиме кон точката каде што ќе можеме да одговориме на големото прашање дали сме сами во универзумот“, рече тој.
„Оптимист сум дека еден ден ќе најдеме знаци на живот. Можеби ќе биде ова, можеби за 10 или дури 50 години ќе имаме докази што се толку убедливи“, додава тој.
Телескопот „Џејмс Веб“ може да ја анализира светлината што минува низ атмосферата на далечна планета. Таа светлина го содржи хемискиот потпис на молекулите во нејзината атмосфера.
Деталите потоа може да се дешифрираат со поделба на светлината на нејзините составни фреквенции, како призма што создава спектар на виножито.
Ако недостасуваат делови од добиениот спектар, тоа значи дека тој бил апсорбиран од хемикалии во атмосферата на планетата, што им овозможува на истражувачите да го истражат неговиот состав.