Секс-афери го потресоа ФБИ, откриени шест обвиненија против високи официјални лица

Агенцијата „Асошиетед прес“ спровела истрага во која открила најмалку шест обвинувања за сексуални престапи против високи официјални лица во ФБИ во изминатите пет години.

Во истрагата се откриени и нови две тврдења, кои оваа недела ги изнела жена, која наводно била нападната од страна на агенти со висок ранг во агенцијата.

Еден од помошник-директорите на американското Федерално истражно биро се пензионирал кога бил обвинет дека додека бил во алкохолизирана состојба, на скалите непримерно допирал жена што му била подредена.

Уште еден висок официјален претставник во ФБИ го напуштил Бирото кога било откриено дека сексуално малтретирал осум од вработените. И уште еден високорангиран агент се пензионирал кога бил обвинет дека преку уцена принудувал една од помладите службенички на сексуални односи.

Сите обвинети избегнале да бидат дисциплинирани, наведува „Асошиетед прес“. Неколкумина биле префрлени и им биле доделени други должности или, пак, се пензионирале.

Тие ги задржиле целата пензија и бенефициите, дури и кога по истрагата, биле поткрепени тврдењата дека тие сториле сексуален престап, пренесува „Глас на Америка на српски“.

Освен тоа, официјалните федерални органи за спроведување на законот имаат право да останат анонимни, дури и по завршувањето на дисциплинската постапка, што им овозможува да се вработат во приватниот сектор или да останат во владината служба.

„Тие тоа го туркаат под тепих“, тврди поранешна аналитичарка на ФБИ, која во новата федерална тужба го обвинила својот надреден, специјален агент, дека ја допирал непримерно и дека ѝ го лижел лицето на една забава во 2017 година.

Таа на крајот го напуштила Бирото, а страда од пострауматско стресно нарушување.

„Многу обесхрабрувачки е кога ФБИ, кој себе си се смета за врвна организација за спроведување на законот, им дозволува на луѓето за кои знае дека се криминалци да се пензионираат или да ја продолжат кариерата во областите поврзани со спроведувањето на законот“, навела жената, која побарала од „Асошиетед прес“ да биде идентификувана со името Беки.

ФБИ во соопштението навело дека има политика на нулта толеранција кон сексуалното малтретирање и дека обвинувањата против надредените резултирале со отстранување од нивните позиции додека случаите се истражуваат и судат.

Во соопштението е додадено дека случаите може да резултираат со подигање обвинение и дека со текот на интерната и дисциплинската постапка, меѓу другото, Бирото ги проценува кредибилитетот на обвинението, сериозноста на престапот и рангот и позицијата на вмешаните поединци.

ФБИ, кој има повеќе од 3.500 вработени, е познат по тоа што не дозволува јавно да се говори за ваквите обвинувања. Последен пат кога канцеларијата на генералниот инспектор спровела сеопфатна истрага за сексуалните престапи во ФБИ, откриени се се 343 престапи од фискалната 2009 до 2012 година вклучувајќи и три случаи на снимања на жени без облека без нивна согласност.

Извор/Курир.рс

Scroll to Top