Смртта на Јуриј Гагарин и понатаму се смета за државна тајна

Неофицијално, Јуриј Гагарин загинал во својот авион обидувајќи се да избегне метеоролошки балон. Но, смртта на првиот човек во вселената и 50 години подоцна се смета за државна тајна.

Утрото на 27 март 1968 година Јуриј Гагарин се подготвувал во московскиот воен воздухопловен аеродром „Шкаловски“ за рутински тренински лет со својот „миг-15“, се присетува неговиот тогашен колега, исто така космонаут, Владимир Аксионов.

„Поради тоа што моето полетување беше закажано еден час подоцна, Јуриј и јас бевме на преглед кај ист лекар и слушавме иста временска прогноза“, изјавил Аксионов.

На Аксионов, кој тогаш имал 34 години и бил врсник со Гагарин, му бил откажан летот. Во тоа време Гагарин и неговиот копилот Владимир Серјожин повеќе не одговарале на повиците. Хеликоптерите тргнале во потрага веднаш откако е јавено дека на 65 километри од аеродромот е пронајден дел од авионот. Телото на Гагарин е пронајдено наредниот ден.

Сергеј Кравчински, денеска 74-годишен старец, а тогаш помлад градител на вселенски бродови, се присетува:

„Слушнавме крик во ходникот ‘Момци, Гагарин е мртов’. Тоа беше шок, жените плачеа“.

За првпат во историјата на СССР е прогласен ден на жалост за личност која не била шеф на државата.

Формирана е истражна комисија за несреќата, а нејзините заклучоци биле изненадувачки. Тогашната официјална верзија била дека Гагрин и Серјожин настрадале  по наглиот маневар што биле присилени да го извршат поради промената на ситуацијата во воздухот.

„Извештајот на комисијата има 29 точки и ништо од тоа не е објавено. Тоа ги поттикнало колегите и експертите на сопствени независни истраги“, вели историчарот на вселенската програма Александар Глушко.

Во тоа време кружеле шпекулации за смртта на првиот човек во вселената. Дека го убиле по наредба на врвот на Кремљ поради љубомора за неговата популарност. Потоа дека летал пијан, па сè до тоа дека го киднапирале вонземјани.

Во 2011 година, по повод одбележувањето на половина век од летот на Гагарин во вселената, Кремљ објави дека фамозната фраза за „промена на ситуацијата во воздух“ всушност се однесувала на нагло избегнување на атмосферска сонда и дека Гагарин и Серјожин притоа ја изгубиле контролата над авионот. Но, се додава дека тоа е една од можните причини.

„Една од можните причини? Тоа не значи ништо. Некои документи од тoa време се отфрлени, но во нив нема ниту една од 29-те точки од истражната комисија“, коментирал Глушко.

Тој смета дека загатката околу смртта на Гагарин е да се сокрие дисфункционалноста на советскиот вселенски сектор, кој тогаш бил симбол за успех на СССР.

„Моите родители секогаш ми велеа дека Гагарин загинал затоа што се напил“, изјавил Александер Володко, полицаец кој го посетил Музејот на вселенското освојување во Москва.

Роден година дена по смртта на Гагарин, тој изјавил дека би сакал конечно да се дознае вистината.

Постои и уште една верзија за смртта на Гагарин, зад која стои космонаутот Алексеј Леонов, но не ја споменал пред распадот на СССР во 1991 година.

Леонов бил член на истражната комисија и тврди дека еден „сухој“, кој не требало да биде во близина на „миг-15“ на Гагарин, му го пресекол патот и бил избегнат контакт за 20 метри. Гагарин влетал во вртлог и му немало спас.

„Ги видов документите што ја потврдуваат ваквата теза“, изјавил Леонов (83) минатата година.

Комисијата тоа го сокрила и сакала да го заштити пилотот од „сухој“ авионот, кој сега е стар и болен. 

„Не е тајна дека тогаш имало негрижа и кршење на правилата на летање, но сè додека не се објават службените документи, тоа и понатаму ќе остане само  една од хипотезите“, изјавил Глушко.

Јуриј Гагарин на 12 април 1961 година во леталото „восток 1“ од космодромот во Бајконур на југот на Казахстан полетал во вселената. Немало одбројувања во американски стил, па Гагарин својата подготвеност пред лансирањето ја искажал со славниот извик – Одиме!

Пулсот му бил 150. Гагарин во Земјината орбита се наоѓал на висина од 302 километри и патувал со брзина од речиси 29.000 километри на час. По пет од вкупно 108 минути лет, ја изговорил првата реченица: „Ја гледам Земјата, величествена е“.

На веста за безбедното враќање на Гагарин на Земјата, во централна Русија, каде што симболично е дочекан со леб и млеко, стотина илјади луѓе излегле на улиците на Москва кога е објавена веста за неговиот триумф со кој се потврдила неспорната надмоќ на СССР во вселенската трка, која траела и во наредните осум години, сè додека Американците не стигнале на Месечината.


Гагарин во денешната модерна Русија е бесмртен јунак. Живее низ бројни споменици и филмови. Многу згради, локации, родниот град, лансираната рампа во Бајконур и кратерот на Месечината се наречени според него.

 

Scroll to Top