Убиецот на словачкиот истражувачки новинар Јан Куцијак е осуден на 25-годишна казна затвор. Словачкиот Врховен суд го осуди поранешниот војник Мирослав Марчек и пресудата е конечна.
Тој повеќе нема да има право да се жали по истата, потврди портпаролот на судот, Александра Вазанова. Марчек на почетокот на годинава призна дека во февруари 2018 година ги убил Куцијак и неговата свршеница Мартина Кунирова.
Тој ги застрелал со огнено оружје. Им пукал во главата и градите. Со ваквата пресуда, Врховниот суд ја заостри поблагата казна на специјалниот кривичен суд во Пежинок кај Братислава.
Претходно, во април, Марчек беше осуден на 23 години затворска казна, поради фактот дека самиот тој се изјаснил за виновен и се понудил да им даде на истражителите вредни инфорамции за нарачателите на убиството.
Јавниот обвинител сега инсистирал на максимална казна поради тежината на кривичното дело. Куцијак беше убиен затоа што работел на случаите со поврзаноста на словачката и италијанската мафија. Тој имаше објавено десетици натписи за претприемачот Маријан Кочнер.
Во една од неговите статии тој го обвини Кочнер дека е вмешан во шема за даночна измама. Куцијак, непосредно пред убиството, успеал да докаже дека Кочнер заработил милиони на црно.
Тој станал познат по откритијата за затајување данок и многуте измами на деловни луѓе, поврзани со владејачката партија Смер.
Извештајот објавен по неговата смрт за можни врски меѓу италијански мафијашки кланови и словачки државни службеници предизвика масовни протести против корупцијата и доведе до оставка на тогашната влада.
Кочнер повеќепати негира дека го нарачал и платил убиството на Куцијак. Тој беше ослободен во септември за кривичното дело.