Денеска во судот во Лондон беше одржано првото рочиште за испорачување на основачот на „Викиликс“ Џулијан Асанж во САД, каде е обвинет за шпионажа. Обвинителството и бранителите на Асанж, дадоа два спротивни портрета за Асанж, едните претставувајќи го како безобзирен криминалец, а другите како новинар кој се бори за вистината.
Британскиот адвокат Џејмс Луис, претставник на американските власти, кои сака Асанж да биде осуден по обвинувањата за шпионажа, изјавил дека австралискиот компјутерски експерти, е еден обичен криминалец, кој со објавените илјадници тајни воени документи, пред 10 години, ги загрозил животите и безбедноста на голем број луѓе.
„Известувањето или новинарството не се изговор за криминалните активности, ниту лиценца за кршење на кривичните закони“, изјавил Луис.
Адвокатот на Асанж пак, Едвард Фицџералд, возврати дека основачот на „Викиликс“ е жртва на американската влада која сака неговиот случај да служи како пример за другите.
Фицџералд изјавил дека нехуманите услови на кои Асанж бил изложен во американскиот затвор, значително го зголемиле ризикот за негово самоубиство.
Десетина поддржувачи на Асанж, протестираа денеска пред судот, пред почетокот на судскиот процес, кој би требал да трае неколку месеци. Асанж се жалел дека има потешкотии да се концентрира и изјавил дека бучавата која му доаѓала од надвор, не му помагала во процесот на одбрана.
САД го обвинија Асанж по 18 точки поради објавување на доверливи документи. Обвинителите тврдат дека тој во договор со тогашната аналитичарка на американската известувачка служба Челзи Менинг, упаднале во компјутер со доверливи податоци во Пентагон и објавиле тајни дипломатски ноти и воени документи за војните во Ирак и Авганистан.
Ако биде осуден, на Асанж му се заканува затворска казна до 175 години. Од друга страна, Асанж тврди дека тој со своите постапки делувал како новинар и дека треба да биде заштитен со Првиот амандман на Уставот на САД и дека тајните документи кои ги објавил се доказ за недозволеното однесување на американската војска.
Обвинението против Асанж е објавено на 11 април 2019 година, откако тој претходниот ден беше уапсен во Амбасадата на Еквадор во Лондон, во која се криеше од 2012 година, за да избегне испорака во Шведска, под обвинението за сексуален напад.
Претставник на OEBS за медиумите, Арлем Дезир ги повика британските власти да не го испорачуваат Асанж во САД.
„Бројните обвинениа и несразмерна затворска казна од 175 години која би можел да ја добие Асанж, ќе има значително влијание на слободата на изразување и слободата на печатот“, напишал Дезир на „Твитер“.