Луѓето кои што пушат се предупредуваат да се откажат од својата навика во новата година бидејќи најновото истражување покажало дека мажите губат 17 минути од животот со секоја испушена цигара, додека на жените животот им се скратува за 22 минути.
Ова е повеќе од претходните проценки кои сугерираат дека секоја цигара го скратува животот на пушачот за 11 минути. Проценките на експертите кои укажуваат дека секоја цигара во просек води до 20 минути загуба на живот кај двата пола, се засновани на најновите податоци од долгорочните студии кои го следат здравјето на населението.
Истражувачите од University College во Лондон рекоа дека штетата предизвикана од пушењето е „кумулативна“ и колку побрзо човекот се откаже и колку повеќе цигари избегнува, толку подолго живее.
Новата анализа, нарачана од британското Министерство за здравство и благосостојба, сугерира дека ако пушач кој пуши 10 цигари дневно се откаже од 1 јануари, тој би можел „да спречи губење на цел ден од животот“ до 8 јануари.
До 20 февруари животот би можел да им биде продолжен за цела недела, а доколку се откажат од пушењето до 5 август, веројатно ќе живеат цел месец подолго отколку кога би ја продолжиле лошата навика.
Авторите додадоа: „Истражувањето сугерира дека пушачите обично губат приближно ист број здрави години како и вкупен број години живот. Така, 60-годишниот пушач обично ќе има здравствен профил на 70-годишен непушач“.
Анализата, која ќе биде објавена во списанието „Journal of Addiction“, заклучува: „Проценуваме дека во просек пушачите во Британија кои не престануваат да пушат губат приближно 20 минути животен век за секоја цигара што ја пушат“.
Експертите велат дека откажувањето од пушење на која било возраст е корисно, но „колку побрзо пушачите се симнат од овој ескалатор на смртта, толку подолг и поздрав живот можат да очекуваат“.