Јапонски ролат со јагоди

Потребни состојки:

40 мл слатка павлака,
40 мл растително масло,
40 г сенаменско брашно,
4 жолчки,
4 белки + 40 г шеќер,
150 мл слатка павлака
10-12 јагоди (колку што собира во еден ред)

Начин на подготовка:

Во длабок сад ставете 40 мл слатка павлака и 40 мл обично масло, па со жица маталка изматете додека да се соединат состојките. Потоа додајте 40 г просеано брашно и повторно измешајте за да добиете мазна, хомогена смеса без грутки. На страна од четири јајца одвојте ги посебно белките, а жолчките додавајте ги во смесата. Измешајте додека целосно да се спојат и да добиете убава, мазна смеса. Белките пенасто изматете ги, па постепено додајте 40 г шеќер, а пред крајот додајте и една мала лажичка лимонов сок. Матете додека да добиете пенаста смеса. Половина од снегот од белки додајте го во мешавината од жолчки и енергично промешајте со маталката за да се соедини. Оваа смеса додајте ја во остатокот од снегот од белки, но сега мешајте благо со лажица или шаптула, за да остане смесата воздушеста и пенлива. Тестото излејте го во плех претходно обложен со хартија за печење. Користете плех со средна величина.

Израмнете ја смесата и рамномерно распоредете ја, а плехот неколкупати потчукнете го од масата за да излезат евентуалните воздушни меурчиња и да се пополнат празнините. Ставете да се пече во загреана рерна на 160-170 степени околу 25 минути или во зависност од рерната. Печената кора извадете ја од рерната, оставете ја неколку минути да се излади, па превртете ја врз друго парче хартија. Одозгора потиснете ја со плехот и оставете да се лади.

Кога ќе се олади кората, премачкјате ја преку цела површина со изматена слатка павлака, по должината наредете ги целите јагоди и со помош на долната хартија свиткајте го ролатот. Оставете го да отстои во фрижидер еден час, а потоа можете да го сечете и да го послужите.

Scroll to Top