Не одете на спиење доколку сте вознемирени, предупредуваат научниците

Старата добро позната анегдота дека не треба да се легнува на спиење доколку сме лути или вознемирени, конечно доби и научна потврда благодарение на невролозите од Универзитетот Амхерст во Масачусетс, САД.

Нивното истражување покажува дека доколку имате негативен излив на емоции, тоа можете да го средите само доколку останете будни, а не доколку си легнете да спиете. Доколку вие веднаш по некоја вознемиреност заминете на спиење, ги потиснувате длабоко во себе негативностите, кои повторно можат многу лесно да испливаат на површина и да влијаат исто толку лошо во друга ситуација.

Научниците ги посочуваат оние лица кои страдаат од пост-трауматско стресно растројство или сведоците на некоја несреќа, како примери за објаснување на нивните заклучоци во пракса. Па така, тие велат дека доколку еден сведок на грозоморна несреќа остане буден по таквото случување, следниот пат кога ќе види слика или снимка од истото случување, неговата реакција ќе биде далеку помирна, отколку кога веднаш би заспал. Научниците велат дека мозокот не дозволува да заспиеме како еден вид одбранбен механизам.

За ова истражување е земен тежок пример, кој не го доживеале многу лица. Сепак, ова се однесува на каква било негативна емоција, како на пример кавга со партнерот или недоразбирање на работното место кое предизвикало лоши чувства кај вас. Истражувањето потврдува дека е подобро ваквите негативни чувства да се разрешат пред легнување, за да имате порационална реакција за проблемот наредното утро.

Scroll to Top