Грција сака да ја засили економијата и да ги отплати долговите преку продажба на марихуана

Одгледувањето и продажбата на медицинската марихуана со помош на грчката влада би можело да го извлече нашиот јужен сосед од економската криза што трае веќе седум години. Ова го вели Евагелос Апостол, грчкиот министер за рурален развој и храна.

Тој за „Блумберг“ изјавил дека поволните климатски услови би можеле да придонесат за легализација на медицинската марихуана и би можеле да го привлечат фокусот на инвеститори во Грција.

Одгледувачите изразија интерес за вложување повеќе од 1,5 милијарда евра во проекти за изградба на стаклени паркови.

Владата проценува дека нивниот влог на светскиот пазар би можел да биде вреден речиси 200 милијарди евра во следните десет години.

Според нацрт-законот направен од групата за легализација на медицинската марихуана во Грција, една плантажа од 12 до 15 стаклени градини за канабис би можело да отвори 400 нови работни места. Тоа е од витално значење за земјата која претставува една од оние држави членки на Европската Унија со најголем процент на невработеност. Според податоците направени од ноември 2011 година, па сè до денес, во Грција има повеќе од 20 проценти невработеност.

Министерот Апостол изјави дека одгледувањето и продажбата на марихуаната ќе биде исклучиво за медицински цели.

„Илјандици грчки домаќинства имаат членови во семејството што страдаат од сериозни болести, како рак и Паркинсонова болест, и ќе бидат во можност да добијат лекови што се произведени овде по насоките на Светската здравствена организација“.

Грчката влада планира да поднесе предлог-закон кој ќе ја покрие легализацијата на медицинската марихуана до крајот на оваа година, наведува работната група, која во моментот работи на подготовка на законот. Ако се усвои предлогот, тоа ќе овозможи услови за жетва веќе за наредното лето.

Во најновиот извештај на истражување на компанијата „Бригхтфилд“ за пазарот на канабис, проекцијата на пазарот на глобално ниво ќе изнесува 31,4 милијарда долари на годишно ниво до 2021 година.

Во моментот се проценува дека пазарот вреди 7,7 милијарди долари и ќе има годишна стапка на раст од 60 отсто во некои земји со либерални закони и свежа марихуана.

Америка денеска држи 90 отсто од глобалната продажба на канабис, но нејзиниот удел ќе падне на 57 отсто до 2020 година, се наведува во извештајот.

 

 

Scroll to Top