Заврши 12. издание на фестивалот за современи уметности АКТО во Битола

Со настапите на бендот „Ланд“, диџеј Соња Исмаил и диџеј Вера Умка, во разиграна атмосфера со многу позитивна енергија во кафулето „Задруга артикултура“ во старата Битолска чаршија заврши 12. издание на фестивалот за современи уметности АКТО.

Во фокусот на ова издание, кое се одржа на 1 и 2 септември, беше иницијативата за ревитализирање на Офицерскиот дом како културен белег на градот Битола и за таа цел се одржа дебата на тема „Каков Офицерски ни треба?“ На дебатата присуствуваше и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, кој ја искажа својата безрезервна поддршка за процесот на обновување на просторот кој може да прерасне во значаен културен центар на градот.

АКТО и оваа година понуди разновидна програма на повеќе локации во Битола, а вклучуваше работилници, изложби и многу настапи на македонски алтернативни бендови и диџеи.

Здружението за уметност и култура ФРУ – Факултет за работи што не се учат од Битола/Скопје, кое го организира АКТО, е замислено како отворена едукативна и продукциска платформа во полето на современата уметност и култура, со фокус на култивирање на критичкото, ангажираното и активното учество на граѓаните во политичкиот, општествниот и уметничкиот контекст во разни средини.

Scroll to Top