Од продажбата на пентхаусот на Тито во Њујорк ќе добие и Македонија, почетната цена е 15 милиони евра

Пентхаусот во њујоршката Парк авенија, која властите од поранешна Југославија ја купија во 1975 година, се продава, а почетната цена е 15,2 милиони евра. Станот е достапен за потенцијалните купувачи веќе од понеделник, а парите од продажбата на некогаш луксузниот пентхаус би требало, според договорот за сукцесија, да се поделат на поранешните републики на СФРЈ, меѓу кои спаѓа и Македонија.

Овој стан некогаш го користел југословенскиот претседател Јосип Броз Тито, а бил и резиденција на југословенските претставници во ОН. Пентхаусот нуди панорамски поглед на Њујорк од дури три балкони.

Во дуплексот со површина од 418 квадратни метри никој не престојувал повеќе од 20 години, а станот во моментот е во руинирана состојба. Тоа објаснува зошто агенцијата што го продава објавила само две фотографии – од балконот и од зградата во која тој се наоѓа.

„На станот му е потребно целосно реновирање за тој да се приспособи на стандардите на 21 век затоа што со децении никој не води сметка за него. Поради тоа што работните активности се дозволени само од мај до сепмтеври, се очекува проектот да трае две или три години, а можеби и повеќе“, вели Тристан Харпер, агент за недвижности, за „Бирн“.

Станот има пет бањи и четири спални соби, а грациозното претсобје со широки скали води кон дневната просторија со балкон и камин.

Пентхаусот има една дневна соба со библиотека и големи прозорци што гледаат кон Парк авенијата. Исто така, има посебни простории за персоналот и за перење.

Југословенскиот амбасадор Јакша Петриќ за станот во 1975 година платил 85.000 евра во кеш. Дури 850.000 евра се потрошени за неговото опремување.

Весникот „Њурјок пост“ пред два месеца потсети дека во станот престојувал Јосип Броз Тито.

„Тоа е вистински дијамант што може да се претвори во вистински скапоцен камен на врвот на една од најексклузивните згради на Парк авенија“, изјави Тристан Харпер, агент задолжен за продажба на становите.

 

Државите од поранешна Југославија исто така продаваат и дуплекс од 3.650 квадратни метри, кој се наоѓа на Петтата авенија, а кој во моментот го користи Србија за својата мисија при ОН.

Таа резиденција има 32 соби, осум бањи и два лифта, а се продава за 42 милиона евра.

Државите од поранешна Југославија се очекува да добијат десетина милиони евра од продажба на поранешните амбасади и резиденциите во Њујорк, Берн, Токио и во Бон.

 

Scroll to Top