Триесетгодишнина од погребот на Че Гевара

Славниот герилски лидер Че Гевара е убиен во 1967 година во боливиското село Ла Игера. Сепак, погребан е во Куба на 17 октомври 1997 година, триесет години по неговата смрт, кога неговите остатоци конечно биле доставени од Боливија.

Прочуениот револуционер сега почива во мавзолејот „Че Гевара“ во градот Санта Клара на Куба.

Тука се сместени и остатоците на двајцата негови колеги, кои исто така се убиени во 1967 година, за време на обидот на Че Гевара да подигне востание во Боливија.

Овој комплекс го краси и неговата бронзена статуа висока 22 метри.

Ернесто Че Гевара е погребан со сите воени почести на 17 октомври 1997 година откако неговите остатоци од Боливија биле пренесени на Куба.

На местото каде што почива се наоѓа музеј посветен на неговиот живот, како и вечен пламен кој во негова чест го запали Фидел Кастро.

Како место за неговото вечно почивалиште одбран е градот Санта Клара затоа што ова место го заземала неговата трупа на 31 декември 1958 година.

По оваа последна битка на кубанската револуција, диктаторот Фулгенсио Батиста побегнал во егзил.

Во октомври 1997 година неговите остатоци, како и остатоците на неговите борци кои со него загинале во Боливија се доставени од Хавана.

На тоа место се собрале неколку стотина илјади луѓе пред кои пеел детски хор, а на крајот Фидел Кастро одржал говор.

„Зошто мислеле дека ако го убијат, тој ќе престане да постои како борец? Денеска тој е на секое место, и се наоѓа секаде каде што постои цел што треба да се одбрани. Тој остави трага во историјата и стана симбол за сиромашните во светот“, изјави Кастро.

Со работата на изградба на комплексот се почнало во 1982 година, а истиот бил завршен во 1988 година. Повеќе од 500.000 жители на Санта Клара со  доброволна работа придонесоа овој комплекс да се изгради повторно.

Мавзолејот се наоѓа на врвот на брдото и гледа кон градот Санта Клара.

 

Scroll to Top