Една работничка во Хрватска е казнета со 10.000 куни (околу 1300 евра), затоа што на финансиската сметка, ознаката за тој деловен простор е напишана голема наместо мала буква, како што, инаку, тој објект е пријавен во Министерството за финансии.
На сопствениците им стигнало решение на Даночната управа, дека изричната казна од 10.000 куни е поради „неисправните“ ознаки на деловниот простор на сметката.
Во образложението на решението се наведува дека „на наведената сметка од 10.11.2017 година во износ од 30.000 куни, ознаката на деловниот простор е „P1“, додека до Министерството за финансии на истата адреса е пријавен простор под ознаката „p1“, од што произлегува дека деловниот простор со ознаката „P1“ не е пријавен во Министерството за финансии и Даночната управа“.
Од даночната управа велат дека, поради тоа што на сметката е напишана голема буква, а во нивната база е со мала буква, произлегува дека данокот не е пријавен, па одлучила да ја казни сопственичката на работилницата. Инаку, казните од ваков вид, за претприемачи, се движат од 10 па се до 300.000 куни.
„Во наведениот случај сите сметки се фискални и постојат во системот на Даночна управа, а со самата погрешна ознака на просторот, никој не е оштетен, додека казните се огромни и несрезмерни за прекршокот, кој се случил затоа што нема контрола во системот од каде е побарана“, вели Весна Варшава од Иницијативата за професионални сметководители на Хрватска и додава дека е оставена огромна можност за грешка, затоа што деловниот простор го пријавиле по правило сметководителите, а ознаката за деловен простор во софтверот го дефинира програмер, кој во повеќето случаи комуницира преку телефон.