Екипите на Министерството за внатрешни работи и Противпожарната заштита попладнево успеaja од водите на Вардар да го извлечат автомобилот „нисан“ кој во реката стоеше заглавен во непосредна близина на Камениот мост. Според досегашните информации од МВР, во првичните моменти од спасувачката акција, екипите не можеле да утврдат дали во автомобилот имало некој или не. Според командирот на Територијалната противпожарна единица, Звонко Томевски, возилото е извлечено со интервенција на пет пожарникари и две пожарникарски возила.
Случајот го пријавил граѓанин попладнево околу 16.45 часот. Според него, возило со жолта боја и со запалени светла пловело по Вардар од мостот кај булеварот „Гоце Делчев“ кон Камениот мост и застанало кај ГТЦ спроти Телеком.
Пожарникарите кои учествуваа во вадењето на возилото од Вардар за „Макфакс“ велат дека акцијата траела околу еден час бидејќи поради ладните и брзи води било отежнато проближувањето до возилото и негово извлекување од реката. Тие велат дека во моментот кога возилото било извадено надвор сè уште му биле вклучени светлата и му работеле брисачите. Во возилото немало никој, но очевидци раскажувале дека забележале девојка која успеала да излезе и да се спаси пред возилото да падне во реката.